Зоран Костадиновски, кој бил вработен во УБК, во мај 2013 година отишол на боледување заради операција на тумор на мозокот. Во септември истата година, незакрепнат, го апсат во случајот Шпион. Опериран и тешко болен, го држат во притвор неколку месеци. Во 2014 година умира.
Лице од Чаир, бегајќи од Алфите, кои го бркале поради сомневање за криумчарење дрога, направил сообраќајка и си го скршил вратот. Со скршен врат, неподвижен го носат во притвор, истата, 2014 година. Го осудуваат и пред вратата на затвор Идризово умира. (Не само што биле нарушени човековите права и пресумпцијата на невиност на ова лице, туку и правата на другите двајца притворени кои биле во ќелијата , бидејќи биле принудени да му менуваат пелени на неподвижниот цимер).
Лице кое било притворено во акцијата Милка цели 30 месеци, од притвор излегло на почетокот на годинава. Од нарушено здравје од рекордниот престој во затворот во Шутка, сега, летово, починал на 32 години.
Ова се трите смртни случаи во последниве години, кои ги евидентира Комитетот за заштита на правата на жртвите на правосудниот систем, а кој веќе од денеска, во една поширока акција ќе ги информира граѓаните и семејствата на притворените, за можноста преку овој Комитет да реагираат пред судовите ако сметаат дека нивни член на семејството е неосновано е држен со месеци и години во притвор. Во Комитетот членуваат претставници од случаите: Шпион, Фаланга, Аполон, Монструм, Музеи, Ликвидација, Ровер, Милка, Филтер, но и новинарот Томислав Кежаровски, Душко – млекарот, лекарот Дејан Ставриќ, судијата Валентин Зафиров од Велес…
„Од 2006 до 2016 година во истражни постапки, според информациите на Комитетот за заштита на правата на жртвите на правосудниот систем, во Македонија биле притворени повеќе од 10 илјади лица, или во просек, над илјада годишно. Но ситуацијата станува страшна од почетокот на 2013 до крајот на 2014 година, кога настапува периодот на сеење страв, кога се масовно се злоупотребува кривичното дело злосторничко здружување за масовно апсење. Тогаш во затворот Шутка, со капацитет од 240 места, имаше околу 500 притворени лица. За периодот на сеење страв, времетраењето на притворот беше над година дена“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Ване Цветанов, кој долго време беше држен во притвор, а потоа и осуден во случајот Шпион.
Целта на акцијата, вели Цветанов, е Комитетот да стапи во контакт со семејствата на лица кои се наоѓаат во притвор, да изврши прием на документација на оние притворени кои сметаат дека неосновано се држат во притвор, следува проценка од експертите во состав од двајца судии и адвокатот Насер Рауфи, па координација со семејствата и нивните адвокати за поднесок до суд барање за замена на мерката притвор со алтернативни мерки. На крајот на идниот месец, Комитетот со семејствата на неосновано држените во притвор, зависно од тоа колку ќе се пријават и за колку е проценето дека се без основ во притвор, заедно со нивните адвокати и со медиумите, ќе биде однесен поднесок во судот. Во таа прилика, вели Цветанов, ќе се соопшти какви луѓе се држат во притвор и за какви дела се таму со месеци. Целта е да се даде насока, но и охрабрување на судот, во иднина да постапува со исти аршини спрема сите граѓани на Македонија, да судат според законот и Уставот, а не по нарачка на политички фактори.
По бомбите на опозицијата, вели Цветанов, МВР го намали притисокот кон судот.
„Судот се обидува да претстави слика дека е во фаза на самокорегирање во изрекувањето на мерката притвор, дека ги слуша препораките на Советот на Европа и на Европската комисија, па почна да дава алтернативни мерки на барањата за притвор. Но, тоа важи само за случаите што ги води СЈО. Тука судот ги користи сите препораки и меѓународни конвенции и дава мерки како одземање пасош и куќен притвор. Ова е еден лицемерен пристап, зашто од овие 251 лице во Шутка, (според состојбата од 4. овој месец), ако се изземат тие за педофилија, тие што се таму за убиство и 30-члената група за тероризам, остатокот од 150 притвореници се држат над шест месеци, па и над година дена за многу полесни дела од тие за кои СЈО има докази и за кои бара притвор. Башка, што стотина од нив се за превоз на мигранти, апсени во време кога Македонски железници правеа бизнис со по 25 евра билет за превоз на секој мигрант“, велат официјалните податоци на Цветанов.