За недоизградениот 32-метарски споменик на Мајка Тереза, кој го крши Уставот и низа закони бидејќи се наоѓа на пешачки дел за влез на Плоштадот Македонија, Владата и понатаму ја тера постапката да најде начин како тој да не се урне. За бетонската ѕидина наскоро ќе биде распишан конкурс за идејно решение во што да биде пренаменет и што да има на просторот, кој според сите закони треба да е слободен и прооден. Конкурсот треба да се распише овој месец, како резултат на одлуката на Владата споменикот да не се урива, оти тоа ќе било поскапо од пренамена.
Владата донесе ваква одлука и покрај извештајот и препораките на работната група за „Скопје 2014“, која беше формирана токму од Владата. Во препораките на работната група не се спори намената туку тоа дека на тој простор не треба воопшто да има никаков објект оти се прекршуваат низа закони.
На сајтот за јавни набавки, во Планот за јавни набавки на Министерството за култура во месец февруари, стои дека ќе биде распишан конкурс за избор на идејно-архитектонско решение за пренамена на објект со скулптурална композиција во Скопје, кој ќе заврши со доделување награди.
„За наредниот период предвиден е предмет на јавна набавка за измена на основен проект во тек на градба. Согласно Законот за јавни набавки, Планот за јавни набавки се поднесува до 31.01 2020 година. Министерството за култура во целост ќе ја следи постапката за јавни набавки. Согласно проектната документација на јавната набавка ќе произлезе и сумата која ќе биде потребна за извршување на истата“, велат од Министертсвото за култура.
Досега, на градежната фирма „Бетон АД Скопје“ за овој објект ѝ се исплатени околу 2 милиони евра. Откако градежните работи беа стопирани додека се одлучи што ќе биде со објектот, договорот со „Бетон“ не беше раскинат.
„Има можности за негово продолжување со реализација, спогодбено раскинување на договорот или еднострано раскинување“, велат од Министертсвото за култура.
И додека од Владата не отстапуваат од идејата да не се урива овој недовршен споменик од проектот „Скопје 2014“ и тече постапката тој да добие нова намена, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов смета дека тој треба да се урне. Тој ја повикува Владата ако таа не е спремна тие тоа да го направи, да му го предаде под негова надлежност и тој веднаш ќе го отстрани.
„Споменикот на Мајка Тереза се наоѓа на улица Орце Николов, тоа е вештачко преградување на природниот тек на движењата за влез на плоштадот. Јас лично, како градоначалник побарав од Владата и од Министерството за култура недоизградениот објект да биде доделен на Град Скопје, со цел истиот да биде срушен. За жал, од централната власт за проблемот ‘Скопје 2014‘ досега немаме доволно слух. Град Скопје е единствена институција која имаше отстрането споменик од овој криминален проект. Ако ме прашате мене, лично јас би бил сериозно порадикален во односот кон проектот ‘Скопје 2014‘. За жал, дали во недостаток на време, дали во недостаток на фокус на интерес на централната власт, не наидовме на целосна соработка. Да беше до Град Скопје, досега улицата Орце Николов ќе беше проодна“, вели градоначалникот Шилегов.
Мирослав Грчев, координатор на работната група која донесе одлука тој да се урива, а не да се пренаменува, вели дека изградбата на споменикот на Мајка Тереза е најсурово прекршување на низа закони, правниот поредок и владеењето на правото и тој треба да се отстрани.
„Ако сакате да речете дека ги спроведувате законите, тогаш нема дилема дека тој објект треба да биде отстранет. Се работи за тежок злочин, злоупотреба на јавен простор, тешка кражба и криминал. Споменикот е ставен на место кое ниту една земја, колку и да е фашистичка, нема да го смести. Прекршени се Законот за градба, Закон за споменици, Закон за Буџет, Законот за градење и урбанистичко планирање. Очигледно е што треба да се направи“, кажа Грчев.
Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде в затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.
А. АНТЕВСКА