Во моментов нема причина за запирање на нормалниот живот, откажување на јавни настани или запирање на јавниот превоз, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски откако денеска беше потврден првиот случај на заболен од коронавирусот во Македонија.
„Во овој момент проценките се дека ние немаме никаква причина да носиме одлука која што ќе значи запирање на нормалниот живот. Носењето на одлуки за откажување на поголеми собири, запирање на организираниот превоз и сите други аспекти, ќе зависи од конкретната состојба. Сите заедно треба да придонесеме да не нѐ поведе емоцијата пред разумот, паничните реакции пред она што е реалност. Институциите имаат прва и основна грижа во вакви ситуации“, рече премиерот Спасовски попладнево на заедничката прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче и епидемиологот д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Министерот Филипче соопшти дека во Македонија е регистриран првиот случај на заболен од коронавирусот. Станува збор за 50-годишна жена која еден месец била во посета на Италија, а две недели била болна, но таму доктори не констатирале дека е заболена од коронавирусот. Пациентката е сместена во одделот за изолација на Клиниката за инфективни болести, свесна е, ориентирана и дише самостојно.
- ЕДЕН СЛУЧАЈ СО КОРОНАВИРУС НЕ ПРЕТСТАВУВА ОПАСНОСТ ЗА ЦЕЛОТО НАСЕЛЕНИЕ, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КАРАЏОВСКИ
- 50-ГОДИШНАТА ЖЕНА ЗАБОЛЕНА ОД КОРОНАВИРУСОТ БИЛА ВО ИТАЛИЈА ЕДЕН МЕСЕЦ, А ДВЕ НЕДЕЛИ БИЛА БОЛНА
А. АНТЕВСКА