Македонката заразена со коронавирус, во земјава влегла утрово околу 3 часот по полноќ на Табановце со комбе со уште осум патници и еден шофер. Четворица од патниците се од Скопје и се на комшиски локации, а петтемина останати, четворица плус возач се од Струмица, кажа министерот за здравство Венко Филипче, откако попладнево објави дека жена на 50-годишна возраст, која еден месец била во посета на Италија, е првиот случај на заразен од коронавирусот во Македонија.
Со сите телефонски е контактирано, сите се на своите домашни адреси и вечерва сите ќе останат во домашна изолација под полициски надзор, додаде министерот.
„Кон нивните домови се упатени екипи на епидемиолози, и врз основа на анкетите со колку лица контактирале откако се вратени во државава, ќе се одреди дали ќе се продолжи домашната изолација. Тест нема да им се направи, и тоа е целта на изолацијата. Не можеме да претпоставиме колку долго биле во контакт со пациентката и затоа ќе бидат ставени под надзор“, изјави Филипче.
Во зависност од одговорите кои стручните екипи ќе ги добијат вечерва, ќе се одреди дали ќе продолжи изолацијата во домашни услови, или во некој од претходни одредените локации. Изолацијата би траела 14 дена.
Тој кажа дека пациентката која ја поминала границата на Табановце не дала точни податоци на граничната полиција. Потоа заминала на Инфективната клиника во Скопје.
„Пациентката не дала вистински информации, инаку ќе било интервенирано на самиот влез во земјава. Затоа апелирам до граѓаните да бидат совесни и да даваат точни информации“, рече Филипче.
Како што кажа претходно, жената еден месец била во Италија на посета на роднини, а две недели била болна, но во клиниките во Италија не било констатирано дека има коронавирус.
„Пациентката беше хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, а во моментов е сместена во оддел за изолација. Зафатено и е едното белодробно крило“, кажа министерот.
„Во случај на појава на симптоми, граѓаните да не шетаат по јавноздравствените институции, туку да ги повикаат надлежните епидемиолози за да биде организирана мобилна екипа што ќе ги прегледа во домашни услови“, рече Филипче.
Министерот Филипче побара од газдите на фирмите кои имаат работници кои патувале во Италија, да им дозволат да не доаѓаат на работа туку да работат од дома во период од 14 дена, колку што трае периодот на инкубација.
Филипче, заедно со доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, апелираа до граѓаните дека нема место за паника, еден заболен пациент од коронавирусот не претставува опасност за сите други граѓани.
Тие апелираа граѓаните да се придржуваат на мерките за заштита кои ги објави Министерството за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА
- ЕДЕН СЛУЧАЈ СО КОРОНАВИРУС НЕ ПРЕТСТАВУВА ОПАСНОСТ ЗА ЦЕЛОТО НАСЕЛЕНИЕ, РЕЧЕ ЕПИДЕМИОЛОГОТ КАРАЏОВСКИ
- 50-ГОДИШНАТА ЖЕНА ЗАБОЛЕНА ОД КОРОНАВИРУСОТ БИЛА ВО ИТАЛИЈА ЕДЕН МЕСЕЦ, А ДВЕ НЕДЕЛИ БИЛА БОЛНА