АКО ЗА 30 ДЕНА СОПСТВЕНИКОТ НЕ ЈА ТРГНЕ ГАЛИЈАТА ВО ВАРДАР КАЈ МЕПСО, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ЈА ОТСТРАНИ

    АКО ЗА 30 ДЕНА СОПСТВЕНИКОТ НЕ ЈА ТРГНЕ ГАЛИЈАТА ВО ВАРДАР КАЈ МЕПСО, ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ЈА ОТСТРАНИСопственик на галијата е Ниче Димовски-Македон, шура на скопскиот ексградоначалник Коце Трајановски, а денеска на прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов го потпиша решението со кое се задолжува фирмата „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ да ја тргне, бидејќи не работела иако Град Скопје ѝ доставил решение во 2018 дека треба да почне да врши дејност. Фото: СДК.МК)

    Ако за 30 дена сопственикот не ја отстрани галијата под МЕПСО, тоа ќе го направи Град Скопје, најави денес градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Сопственик на галијата е Ниче Димовски-Македон, шура на скопскиот ексградоначалник Коце Трајановски.  На прес-конференцијата Шилегов го потпиша решението со кое се задолжува фирмата „Фаланга Херонеа ДООЕЛ“ да ја тргне галијата, бидејќи не работела иако Град Скопје ѝ доставил решение во 2018 година дека треба да почне да врши дејност.

    „Оваа галија добила решение од Град Скопје во 2016 година за привремено да не врши дејност. Во 2018 година им доставивме решение дека треба да почнат со работа. Но, тоа не е направено, со што се создадоа и услови за раскинување на договорот. Од 2016 година до сега сопственикот на галија не плаќал кирија. Повеќе анализи и истражување покажаа дека бродовите се пречка во течението на реката и при поголеми врнежи може да дојде до излевање и поплави ” рече Шилегов.

    Галиите во Вардар се дел од проектот „Скопје 2014“. При една од многуте измени на Деталниот урбанистички план (ДУП) Мал Ринг, кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ, во коритото беа вцртани маркички за 6 сплавови, 4 од десната страна и два од левата страна на Вардар. На јавното наддавање во Град Скопје во февурари 2012 беа продадени само две локации на фирмата „Фаланга“, кај зградата на МЕПСО и кај хотелот „Холидеј ин“. Во декември истата година, беше продадена уште една локација на фирмата „Воденица“ меѓу двата пешачки моста. Останатите локации за сплавови кои потоа прераснаа во бродови, никој не сакаше да ги купи и тие не се продадоа.

    За сите три бродови договорите кои се склучени со градските власти се за поставување урбана опрема заради вршење угостителска дејност. Сопствениците имаа рок, според првичниот договор, да ги стават во функција за 24 месеци, но тие рокови не се почитуваа, па Градот им ги продолжуваше роковите со нови анекс-договори.

    Останатите две галии имаат договор за работа до 2035 година – бродот хотел „Воденица“, односно до 2027 година бродот „Среќа“ кај Холидеј ин. Градоначалникот Шилегов денес најави дека се работи на тоа и овие две галии да се отстранат од Вардар.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира