Државната изборна комисија (ДИК) побара да се одложат предвремените парламентрани избори закажани на 12 април. Членовите на ДИК на денешната седница побараа утре, на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски во врска со ширењето на коронавирусот, да се преиспита одлуката за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април.
Од ДИК велат дека не станува збор само за денот на изборите, туку за целиот процес во кој се вклучени многу луѓе кои меѓусебно треба да комуницираат.
Само членови на избирачките одбори се 35.000 луѓе, а дополнителен е и бројот на членовите во Општинските изборни комисии (ОИК), а во организација на изборите е вклучен и огромен број административно-технички и логистички персонал. Треба да бидат заменети 3.200 лица од медицинскиот персонал кои што се членови на избирачките одбори и Општинските изборни комисии.
„Доколку вирусот се прошири, тогаш кој ќе ги реализира изборите, бидејќи може да се случи десеткување на членовите на изборните органи. Во изминатите денови, во просториите на ДИК биле и членовите од ОИК од Дебар и Центар Жупа, каде сега е воведена кризна состојба поради коронавирусот. Доцна ќе биде одлуката за тоа што ќе се случува со изборите да биде донесена на 22 март“, рече членот на ДИК Јанаке Витановски.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски рече дека пред сè сега е здравјето на граѓаните.
„Редуциран е бројот на активностите на ДИК и се прават сите напори голем дел од обврските да се завршуваат по електронски пат, но во просториите понекогаш поради обврските поврзани со организација на изборите се собирале од 200 до 300 луѓе дневно“, рече Деркоски.
Во однос на евентуалното одложување на изборите, Деркоски кажа дека мандатот на пратениците од сега веќе распуштениот собраниски состав трае до изборот на новиот парламентарен состав и дека досега сме имале пракса на вонредно свикување на Парламентот.