ОД 33 МАКЕДОНЦИ ВО ПОЛСКА, 7 СЕ ВРАТИЈА СО ХУМАНИТАРЕН ЛЕТ, ДРУГИТЕ НЕ САКАЛЕ ДА БИДАТ ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИН

    ОД 33 МАКЕДОНЦИ ВО ПОЛСКА, 7 СЕ ВРАТИЈА СО ХУМАНИТАРЕН ЛЕТ, ДРУГИТЕ НЕ САКАЛЕ ДА БИДАТ ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИНСедумтемина граѓани кои потпишале согласност дека најмалку 15 дена ќе бидат во државен карантин утрово се вратија во Македонија со чартер лет кој го организирала полската влада.(Фото: ТАВ)

    Од 33 македонски државјани кои се во Полска и побарале да се вратат во земјава, само 7 се согласиле да бидат во задолжителен карантин. Седумте граѓани кои потпишале согласност дека најмалку 15 дена ќе бидат во државен карантин утрово се вратија во Македонија со чартер лет кој го организирала полската влада.

    „Утрово на Меѓународниот аеродром Скопје слета полски хуманитарен чартер лет за да си ги врати дома полските државјани затечени во Северна Македонија. Во соработка со полското МНР, понудивме враќање во земјата на македонските државјани кои побарале помош преку амбасадата во Варшава. Од вкупно 33 пријавени, 7 граѓани се согласија да бидат во задолжителен карантин и денес се вратија дома“, напиша министерот за надворешни работи Никола Димитров на својот Фејсбук.

    Владата како една од мерките за спречување понатамошно ширење на коронавирусот по затворањето на границите и аеродромот, донесе одлука да организира хуманитарни летови за наши државјани кои се наоѓаат во други земји, но само доколку прифатат државен карантин. Димитров кажа дека околу 2.300 Македонци до петокот побарале помош за враќање дома од нашите амбасади низ светот.

    Владата вчера објави јавен повик за сите хотели во државава кои имаат повеќе од 50 легла и кои доброволно сакаат да ги отстапат своите капацитети за формирање државни карантини. Максималниот надомест кој државата може да го обезбеди за хотелите изнесува до 10 евра по легло, од ден.  Хотелите кои ќе ги стават своите капацитети на располагање треба да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин којшто ќе користи легло, како и одржување на хигиената во хотелот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира