ПРВИОТ ТЕСТ НА НОВИНАРОТ НА КАНАЛ 5 ЗАБОЛЕН ОД КОВИД-19 ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА БИЛ НЕГАТИВЕН

    ПРВИОТ ТЕСТ НА НОВИНАРОТ НА КАНАЛ 5 ЗАБОЛЕН ОД КОВИД-19 ВО ПРИВАТНА БОЛНИЦА БИЛ НЕГАТИВЕНВо соопштението на телевизијата се вели дека Михајлоски на 28 и 29 март бил во посета на родителите во Прилеп, а првите симптоми ги добива на 5 април. (Фото: Принтскрин од Канал 5)

    Новинарот на Канал 5 телевизија Гоце Михајлоски првите симптоми на КОВИД-19 ги добил во неделата на 5 април, односно неколку дена откако во емисијата „Само вистина“ гости му беа лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Михајлоски имаше интервју со Заев на 2 април, а со Мицкоски на 3 април.

    Во соопштението на телевизијата се вели дека Михајлоски на 28 и 29 март бил во посета на родителите во Прилеп, а од Државниот санитарен и здравствен инспекторат кажаа дека близок член на семејството бил позитивен на КОВИД-19.

    „Во блиската фамилија на споменатото лице има член кој е позитивен. Новинарот имал контакт со тој член од неговата фамилија, меѓутоа за детални информации кој, каде и кога ќе биде ставен во евентуална самоизолација ќе следува по спроведената анкета од Центарот за јавно здравје, која во моментот е во тек“, рече денеска директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Иринка Сотирова-Бухова на прес-конференција во Владата.

    Од Канал 5 соопштија дека првите симптоми кај Михајлоски се појавиле во неделата на 5 април, чувствувал малаксаност, замор и главоболка.

    „Од понеделникот на 6 април, на барање на компанијата, тој е во самоизолација. Бидејќи има температура повисока од 38 степени, преку својот матичен лекар бара да добие упат за тестирање, но поради електронската анкета, нема доволни симптоми за да биде упатен на тестирање. На 7 април, во утринските часови, поради зголемената температура прави тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е негативен на коронавирусот. Вчера заминува во болницата „8 Септември“, каде му е направен уште еден тест кој е позитивен“, се вели во соопштението од Канал 5 телевизија.

    Вчера Заев и Мицкоски се тестирани, Мицкоски е негативен на КОВИД-19, а резултатите на Заев се очекуваат во текот на денот. Двајцата ќе бидат до домашна самоизолација 14 дена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира