Лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се негативни и на вторите тестови за присуство на вирусот КОВИД-19. Тие ова денеска го објавија на Фејсбук профилите.
„Денеска, согласно здравствените протоколи, ми беше направен и втор тест за присуство на коронавирус, кој исто како и првиот тест, е негативен“, напиша Заев, им упати притоа и поддршка на заразениот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски и на сите граѓани кои се зафатени од овој вирус.
И Мицкоски истовремено се обрати на граѓаните со видео порака на фејсбук, како и неговиот политички соперник Заев.
„Мојот карантин завршува, се посветувам на моите редовни активности. Овој Велигден е поразличен од оние кои ги паметиме“, пиша Мицкоски кој кажа дека се седењето дома со најблиските за празникот, ќе се спасат човечки животи.
На деветти април двајцата беа тестирани откако се слушна дека новинарот Гоце Михајлоски со кого тие имаа интервју на 2 односно 3 април, е позитивен на коронавирус. И првите тестови на Заев и на Мицкоски беа негативни.
Сепак, двајцата останаа во самоизолација дома 14 дена од денот на контактот со Михајлоски.
Сите оние кои дотогаш имаа контакт со Заев и со Мицкоски, со оглед дека беа негативни на тестовите, не се во ризик, па по препораките на лекарите, не беа тестирани и не беа во изолација.
С. К. ДЕЛЕВСКА