ПОСТАВУВАЊЕ ПАНОРАМСКИ ЛИФТ Е ИСТО СО ГТЦ ВО БАРОК, ПРОЕКТОТ ЌЕ СЕ ОТКАЖЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

ПОСТАВУВАЊЕ ПАНОРАМСКИ ЛИФТ Е ИСТО СО ГТЦ ВО БАРОК, ПРОЕКТОТ ЌЕ СЕ ОТКАЖЕ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВГрадоначалникот Шилегов вели дека лично не се согласува со решението на управата на ГТЦ за изградба на лифотот и побарал од директорот активностите да престанат. (Фото: К.Попов)

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов смета дека во Градскиот трговски центар (ГТЦ) не треба да има панорамски лифт, оти тоа е исто како и да добие барокна фасада. Шилегов денеска одговарајќи на новинарско прашање зошто дозволил во ГТЦ кој е симбол на Скопје, да се гради лифтот, за кој архитектите рекоа дека е дивоградба и го сквернави трговскиот, рече дека Град Скопје, за жал, нема ингеренции во ГТЦ ниту пак панорамскиот лифт бил дел од проектот за зелен покрив.

„Јас лично не се согласив со таквото решение на управата на ГТЦ и тоа во разговор со директот го истакнав и побарав тие активности да престанат. Колку што сум јас информиран, тие се престанати и ќе се откаже тој проект токму поради тоа што не можете да имате двојни аршини кон ГТЦ. Имате аршин дека го сакате ГТЦ и ќе се обидете да го сочувате како дел од условно кажано културно-историско наследство на нашиот град или ќе влезете во негов барок. Дали ќе правите фасада барок или панорамски лифт е сосема сеедно, ако не го направите на начин на кој треба да го направите. Овдека не беше запазена минимум постапката и ја тоа многу јасно и гласно му го кажав на директорот“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Раководството на ГТЦ во понеделникот ја стопираше изградбата на лифтот и ги повика на дијалог претставниците на стручната фела.

Лифтот минатата недела почна да се гради на влезот во ГTЦ спроти кружното скалило, кое е еден од градските симболи, а директорот Ѓоко Трајчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека првенствено ќе биде наменет за лица со инвалидитет и мајки со деца. Тој кажа оти смета дека панорамскиот лифт нема да го наруши изгледот на ГТЦ туку, напротив, ќе му даде атрактивност на објектот.

Веста предизвика жестоки реакции на стручната и општата јавност. Архитектите сметаат дека лифтот е дивоградба што го нагрдува архитектонското наследство. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кажа дека Општината општината не е задолжена да издава градежна дозвола бидејќи станува збор за пристап за инвалиди, но беше конфронтиран од Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски, кој кажа дека лифтот треба да се тргне од ГТЦ, а Општина Центар не требало да даде согласност за проектот кој бил доставен до нив, бидејќи објектот е достапен за лица со посебни потреби и без овој лифт.

За Скопје, ГТЦ е културна икона и еден од најпрепознатливите објекти за градот, дело на архитектот Живко Поповски и еден од цветовите на македонската модерна архитектура. Изградбата официјално почнала на 11 октомври 1969 година, а на 27 април 1973 е пуштен во употреба.

А. АНТЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира