Влезот на Скопје кај населбата Автокоманда ќе добие нов асфалт летово. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска најави реконструкција на нови улици и булевари низ градот во вредност од 12 милиони евра и покрај пандемијата на КОВИД-19.
Покрај булеварот Александар Македонски, годинава ќе се реконструираат улицата Теодосиј Гологанов кај Клуб на пратеници, Пластичарска од американска амбасада до Момин Поток, а ќе почне и проширувањето на Македонско-косовска бригада со која треба да се спојат тунелите под Кале. Нов асфалт ќе добијат и булеварите Киро Глигоров, Видое Смилевски-Бато и 8 Септември, како и улиците 11 Октомври, Востаничка, Васил Ѓоргов, Никола Парапунов и Џон Кенеди. Ќе продолжи реконструкцијата на улиците Лазар Личеновски и Благоја Стефковски, кои почнаа да се работат лани, а ќе се пробива и улицата Есенинова од „Тутунски комбинат“ кон населбата Аеродром.
„Во изминатите две години Град Скопје покажа одлични финансиски резултати, кои овозможуваат да нема рестрикции во планираната изградба и реконструкција на градската инфраструктура. Градот зема кредит од 12 милиони евра со цел да ослободиме повеќе пари во економијата инвестирајќи најмногу во домашниот градежен сектор кој е одговорен за голем број вработени и учествува со сериозен дел во БДП“, рече градоначалникот Шилегов.
Шилегов најави дека заврши изградбата на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош од населбата Бутел до Обиколницата и тој наредната недела ќе биде пуштен во употреба. Готов е и првиот дел од булеварот АСНОМ, кај спортскиот центар Јане Сандански.
Шилегов најави дека годинава очекува да стартуваат и градежните работи за големата раскрсница кај Момин поток и на мостот во Карпош 4 од улицата Љубљанска преку Вардар и поврзување со улицата Скупи. Со овие зафати ќе се намали во голема мера метежот кој се создава во овој дел од градот.
А. АНТЕВСКА