ВЛАДАТА МУ ПИША НА УСТАВНИОТ СУД ДА ЈА ОТФРЛИ ИНИЦИЈАТИВАТА ПРОТИВ ЗАМРЗНУВАЊЕ НА РОКОВИТЕ ЗА ИЗБОРИ И ДА ЈА ОСТАВИ ДИК ДА ДОРАБОТИ

    ВЛАДАТА МУ ПИША НА УСТАВНИОТ СУД ДА ЈА ОТФРЛИ ИНИЦИЈАТИВАТА ПРОТИВ ЗАМРЗНУВАЊЕ НА РОКОВИТЕ ЗА ИЗБОРИ И ДА ЈА ОСТАВИ ДИК ДА ДОРАБОТИСпоред Уредбата за која сака да расправа Уставниот суд, со прогласување вонредна состојба се замрзнаа сите изборни рокови, а продолжуваат да течат оној момент кога ќе заврши вонредната состојба. (Фото: СДК.МК)

    Владата денеска испрати мислење до Уставниот суд, со кое му препорачува поднесената иницијатива против Уредбата со која ги замрзна роковите за избори во целост да ја отфрли како неоснована, и да остави Државната изборна комисија (ДИК) да си ја тера работата  онаму каде што застана.

    Владата му пишува на Уставниот суд дека одредбите од Уредбатa со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес се целосно во согласност со Уставот.

    Според оваа Уредба, роковите за изборниот процес се замрзнаа со прогласување на вонредната состојба. Тие продолжуваат да течат оној момент кога вонредната состојба која претседателот Стево Пендаровски ја прогласи поради пандемијата со коронавирус, ќе заврши. Роковите за парламентарните избори што требаше да се одржат на 12 април се работа на Државната изборна комисија, па според Уредбата за која е поведена постапка пред Уставниот суд, ДИК треба да продолжи онаму каде што застанала и математички да го пресмета, да го помести за онолку денови колку што било замрзнувањето, датумот за новите парламентарни избори што не се одржаа на 12 април.

    Владата соопшти дека оформила уште едно мислење до Уставниот суд. Откако овој суд на минатата седница на 28 април одлучи да поведе постапка против исплатата на долговите за плати кон истражителите и обвинителската аминистрација во СЈО, кое уште не е згаснато, како и за комуналните трошоци на зградата во која се чуваат доказите за 100-тината истраги и прислушуваните разговори, Владата денеска испрати мислење до судот да ја укине изречената мерка за стопирање на исплатата.

    „На барање на Уставниот суд, Владата денеска утврди мислење да му предложи на Уставниот суд во најкраток можен рок да ја укине изречената времена мерка за стопирање на исплатата на долговите. Владата му предлага на Уставниот суд поднесената иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во СЈО и за финансирање на СЈО, во целост да ја отфрли како неоснована“, соопшти Владата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира