Општина Центар постапила во согласност со законот и стандардите при носењето на Деталниот урбанистички план (ДУП) „Даре Џамбаз“ и неосновани се наводите за оценување на уставноста, одлучи Уставниот суд по однос на иницијативата на фирмата „ССИ Инвестмент“ за поништување на планот со кој беше избришана маркица за 8-катница. Судијата Владимир Стојановски кажа дека при носењето на ДУП-от, Општината ги запазила сите постапки согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно била спроведена јавна презентација и јавна анкета.
„На јавната анкета, граѓаните и деловните субјекти можат да поднесат анкетни листови во кои ќе ги наведат забелешките во однос на измените предвидени со планот. Фирмата ‘ССИ Инвестмент‘ не учествувала во јавната презентација, ниту поднеле анкетен лист со забелешки, туку до Општината се обратиле една година подоцна. Општината правилно постапила и при носењето на планот почитувани се сите законски прописи“, рече судијата Стојановски.
Уставниот судија Јован Јосифовски кажа дека се неосновани наводите на поднесителот на иницијативата оти Општина Центар не постапила во согласност со законите и стандардите.
Откако Општина Центар лани во јуни ги донесе измените на планот со кои се намалува катноста на зграда на улицата 11 Октомври, каде што сега е сместена фирмата за обезбедување „СГС“, Друштвото за градежништво „ССИ Инвестмент“ ДООЕЛ Скопје, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на планот.
- ГАЗДИТЕ НА ОБЈЕКТОТ КАДЕ Е СМЕСТЕНАТА ФИРМАТА „СГС“ БАРААТ УКИНУВАЊЕ НА ПЛАНОТ СО КОЈ ОПШТИНА ЦЕНТАР ИМ ЈА ИЗБРИША МАРКИЦАТА ЗА ОСУМКАТНИЦА
-
ОПШТИНА ЦЕНТАР ИЗБРИША МАРКИЧКА ЗА ОСУМКАТНИЦА НА ФИРМАТА „СГС“ СО ИЗМЕНИТЕ НА ПЛАНОТ ДАРЕ ЏАМБАЗ
Со измените на овој ДУП донесени на 6 август 2012, кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, се предвидува зголемување на катноста за плус 6 ката на зградата каде што е сместена фирмата за обезбедување „СГС“. Овој објект е во сопственост на градежната фирма „ССИ Инвестмент“. Станува збор за делот кој сега има два ката и се наоѓа меѓу две згради. Со планот се овозможувало и овој објект да ја добие висината на двете згради кои се наоѓаат и буквално се залепени до него. Со зголемување на висината и изградба на зградата на станарите од соседните две згради ќе им бидат затворени прозорците.
Општина Центар ваквиот план го ревидираше и ја избриша маркичката за 8 ката за оваа зграда и ја врати на постојната состојба приземје плус два ката. Исто така беше избришана и маркичката за катна гаража во зеленилото.
А. АНТЕВСКА