За три пати е зголемена продажбата на велосипеди сезонава за разлика од минатите години. Навалицата за велосипеди, како што ни кажаат од неколкуте салони за продажба и сервис на велосипеди, се должи на пандемијата на КОВИД-19. Дел од граѓаните кои досега со јавен превоз оделе на работа, сега користат велосипед како превозно средство, а голем е бројот на оние кои купуваат за да се рекреираат после карантинот и мерките за негрупираење, држење дистанца од 2 метра и носење маска.
„На велосипед на треба маска, беше препораката на Владата, па граѓаните сфатија дека тоа можеби во овој момент е најбезбедно превозно средтсво. Многу од граѓаните кои купија велосипед од кај нас ни рекоа дека им треба рекреација после периодот поминат во карантин. Не се прашува за цена, се купува она што е останато на лагер. Проблем е што фабриките од странство поради пандемијата два месеци не работат, па нема производство, а побарувачката е зголемена. Сега ни се испорачуваат залихите кои ги имаат“, ни рекоа од продавницата велосипеди.мк.
Најголема навала, како што ни рекоа од продавниците, имало минатата недела откако времето затопли и беа олабавени мерките на Владата против ширење на коронавирусот.
„Минатите години поголема побарувачка имавме кога ќе се пуштеа субвенциите од Град Скопје и од Општините. Годинава не се пуштени ниту субвенциите, а продажбата ни е многу зголемена. Се купуваат велосипеди за цело семејство“, велат од продавниците за велосипеди.
Зголемена работа имаат и сервисите за поправка, каде се носат велосипеди кои не биле користени со години и сега сопствениците сакаат повторно да ги стават во функција.
Од Град Скопје најавија дека и годинава ќе даваат субвенции за велосипеди и електрични тротитени, а огласот ќе биде објавен на крајот на месецов, откако програмата ќе помина на седница на Советот на Град Скопје. Новитет годинава е што на огласот ќе може да аплицираат сите кои купиле велосипед или тротинет од први јануари. Минатите години, можеше да аплицираат оние кои купиле велосипед или тротинет од денот на објавување на повикот.
А. АНТЕВСКА