Колата која утрово падна во реката Вардар во близина на пешачкиот мост кај болницата „Систина“ е извадена. Екипите на Бригадата за противпожарна заштита и Министерството за внатрешни работи го извлекоа возилото и велат дека немало патници во него.
„Возилото е на болницата ‚Систина‘. Додека нашите екипи го извлекуваа, вработени во обезбедувањето ни кажаа дека е нивно и било паркирано на паркингот. Најверојатно некој се обидел да го украде, па завршило во Вардар“, вели Владимир Симоновски, командир на скопската Пожарна.
Утрово околу 8 часот случајни минувачи на кејот пријавиле во МВР дека забележале возило во коритото на Вардар.
А. АНТЕВСКА