ДИРЕКТОРКАТА НА УЈП САЊА ЛУКАРЕВСКА ПОЗИТИВНА НА КОВИД-19, ДЕЛ ОД РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ ВО ИЗОЛАЦИЈА

    ДИРЕКТОРКАТА НА УЈП САЊА ЛУКАРЕВСКА ПОЗИТИВНА НА КОВИД-19, ДЕЛ ОД РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ ВО ИЗОЛАЦИЈАЛукаревска, Спасовски и останатите кандидати за пратеници во втората изборна единица вчера во Куманово делеа заштитни маски на граѓаните. (Фото: СДСМ)

    Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска е позитивна на КОВИД-19. Лукаревска денеска  на својот фејсбук профил објави дека се тестирала поради работните состаноци кои ги имала со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири,, кој вчера објави дека има коронавирус.

    „Немам никакви симптоми и веќе сум во домашна самоизолација. Не можам да бидам сигурна на каков начин сум го добила вирусот, но сите контакти кои ги имав последниве денови беа со целосно почитување на мерките за заштита, со маска, на дистанца и со редовна дезинфекција“, напиша Лукаревска.

    Лукаревска вчера заедно со премиерот Оливер Спасовски и кандидатите за пратеници од втората изборната единица имаа работен состанок и прес-конференција во Куманово. Потоа Лукаревска, Спасовски и останатите кандидати за пратеници делеа заштитни маски на граѓаните низ градот.

    Од кабинетот на премиерот Спасовски ни одговорија дека ги чекаат насоките и препораките на епидемиолозите и веднаш штом ги добијат ќе ја известат јавноста.

    „Штом ги добиеме, ќе постапиме веднаш и во целост согласно протоколите, со избегнување и најмал ризик”, велат од Владата.

    Од денеска во самоизолација поради контакт со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири кој вчера објави дека има коронавирус, се министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска. Двајцата на фејсбук профилите напишаа дека минатата недела имале партиски состанок со Зекири, на кој биле на пропишаната дистанца и носеле заштитна опрема. Сепак, согласно епидемиолошката анкета двајцата ќе бидат во самоизолација до 9 јуни.

    „Во текот вчерашниот ден направив и тест кој е негативен. Засега немам никакви симптоми и се чувствувам добро. Сите мои работни обврски продолжувам да ги извршувам непречено од дома“, напиша Царовска на фејсбук.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира