НЕ ЖРТВУВАЈТЕ JA БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ САМО ЗА КОВИД, ГИ ЛИШУВАТЕ ПАЦИЕНТИТЕ ОД ОДЛИЧНИ ДОКТОРИ, ВЕЛИ ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР САШО СТОЈЧЕВ

    НЕ ЖРТВУВАЈТЕ JA БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ САМО ЗА КОВИД, ГИ ЛИШУВАТЕ ПАЦИЕНТИТЕ ОД ОДЛИЧНИ ДОКТОРИ, ВЕЛИ ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР САШО СТОЈЧЕВ„Се бројат починатите од КОВИД-19, а кој ги брои останатите починати од други, тешки заболувања?“, прашува ексдиректорот на „8 Септември“ д-р Сашо Стојчев, забележувајќи дека останатите пациенти ако не се ковид позитивни, не можат да влезат во болницата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Одлуката Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје да се пренамени во КОВИД Центар не беше добро промислена и добро испланирана, вели доктор Сашо Стојчев, поранешен долгогодишен директор на болницата. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК, д-р Стојчев вели дека оваа болница не требаше да биде жртвувана исклучиво за заразени со коронавирус, оти со капацитетот и кадарот со кој располага, требаше да остане отворена за прегледи и операции на редовни пациенти, а помали болници да се одредат како КОВИД центри.

    „Болницата, иако се вика „градска“ по својот капацитет и услуги во права смисла на зборот e државна болница, пружајќи помош на целокупното население на Македонија. Сè до 2017 година се спонзорираа сите докторски студии кај колегите кои ги прифатија условите на финансирање. Болницата имаше повеќе од 25 докторанди, сè со намера да се покачи стручно-научното ниво и за да се стекнат услови со преименување на ГОБ ‘8 Септември’ во Градски универзитетски клиничко-болнички центар“, вели д-р Стојчев.

    Д-р Стојчев до неодамна беше дел од тимот на болницата речиси од нејзиното основање како воена болница од тогашната трета армиска област на ЈНА што го покриваше регионот јужно од Ниш, Србија, цело Косово и цела Македонија. Беше директор на болницата од 2009 до 2017, од периодот на трансформацијата на некогашната Воена болница во системот на јавното здравство. Тој е специјалист невропсихијатар, а во јануари, по 38 години, разочаран од новиот менаџмент си замина од болницата и од јавното здравство, за да биде менаџер на приватна болница во Тетово.

    Тој е убеден дека и покрај пандемијата, „8 Септември“ мора да се ослободи и да се отвори за другите пациенти.

    „Несреќникот позитивен на КОВИД-19 кој е примен во ГОБ „8 Септември“ можеби е и среќен. Сите се грижат за него, а неговата прогноза најмногу ќе зависи од тежината на клиничката слика, неговиот имунолошки одговор на болеста. Но тој што ‘за среќа‘ нема коронавирус е во загубена ситуација. Каде да оди, кој ќе го прими на лекување, а нема негативен ПЦР брис за КОВИД-19. Каде ќе му земат брис кога во јавно-здравствениот систем се преоптоварени, па мора да оди во некоја приватна лабораторија, за што самиот треба да си плати. Ако добие негативен брис дали ќе биде примен на соодветно место за третман, а неговата болест не чека. Се бројат починатите од КОВИД-19. А кој ги брои останатите починати од други, тешки заболувања?“, прашува доктор Стојчев.

    Поради вложувањето во капацитетите и медицинскиот персонал во „8 Септември“, пациентите од цела држава, за поголем дел од заболувањата бараат помош и третман таму. Но сега, како што вели Стојчев, бидејќи не се позитивни, не можат да влезат во болницата.

    „ГОБ ‘8 Септември‘ ја бараат поради дисциплината, редот, односот на вработените кон болните, високата стручност… Морам да бидам искрен дека последните 2 години поголем дел од нив се разочарани од промените настанати во оваа врвна болница со огромен кадровски, просторен и технички капацитет. Ги нема вообичаениот ред, транспарентноста, позитивната работна атмосфера, мотивираноста на персоналот за највисоки дострели во медицината. Особено сега во коронакризата, кога има над 200 слободни кревети, над 230 специјалисти и над 400 медицински сестри. Навистина, голем дел од нив се ангажирани во згрижувањето на болните со КОВИД-19, но голем дел не е во состојба да пружи помош на огромен број редовни пациенти кои се негативни. Тоа доведува до незадоволство, особено кај високостручниот и искусен докторски кадар кој најавува заминување од установата, а каде – нормално во приватното здравство или во странство“, вели Стојчев.

    Болницата навистина располага со безмалку 400 кревети, како што вели министерот за здравство Венко Филипче, но, тоа не значи дека би можела без проблем и да згрижи 400 болни со КОВИД- 19. Не се работи само за просторниот капацитет, како што вели Стојчев, тука најважен е капацитетот на кадарот, обученоста на кадарот и начинот како тој се раководи и мотивира.

    „Не е целиот персонал, близу 1.000 вработени, подготвен да се бори со ова извонредно тешко заболување со многу непознати работи и неочекувани изненадувања во клиничката слика и голем број на починати“, смета Стојчев.

    Тој кажува дека од 2009,  кога тој ја почнал трансформацијата на болницата во системот на јавното здравство, вработени се голем број доктори професионалци, експерти во своите области кои на најдобар можен начин ги користеа инфраструктурните капацитети на поранешната Воена болница и новата медицинска опрема.

    Од 2009, во „8 Септември“ постепено расте бројот на амбулантските прегледи, од скромни 65.000 во просек за последните 3 години додека беше Воена болница, до 320.000 во 2016. Расте бројот на лежечки болни од 6. 800 во 2009 до 13.500 во 2016, оперативни интервенции се зголемуваат од 3.500 на 7.000 во 2016. Но, не се зголемуваше само бројот на операциите туку и нивниот квалитет, тежина и сложеност, особено во областа на ортопедско-травматолошката хирургија, дигестивната хирургија, оториноларингологијата и офталмологијата. Во 2014 е формирана и неврохирушка служба, а бројот на оперативни интервенции од оваа објаст стаса до 200 операции годишно, иако само со еден врвен неврохирург, вели поранешниот директор д-р Сашо Стојчев. (Фото: СДК.МК)

    „Интервенциите од областа на ортопедијата, траумата, особено спортската траума, во многу голем број беа авангардни, за прв пат воведени во Македонија. Се отпочна со тимско работење, особено во областите на неврохирургија и ортопедија, односно трауматологија. Можеби, тоа побуди и некаква завист од страна на терцијалното здравство, која особено се манифестира во последните 2-3 години. Сите поголеми операции кои единствено се изведуваа во оваа установа се сведени на минимум, не се набавува потрошен материјал, листите на чекање постојано растат и дел од болните, подобро материјално стоечки, се одлучуваат за приватното здравство. Разочарувањето е и кај пациентите, но и кај докторите и останатиот медицински персонал“, вели Стојчев.

    На почетокот на епидемијата на КОВИД-19,  не беше предвидено „8 Септември“ да биде наменета само за пациенти со КОВИД-19.  Но, потоа беше одлучено „8 Септември“ да стане КОВИД-центар каде ќе се примаат пациенти со КОВИД-19 на кои им е потребна хируршка интервенција, и оттогаш редовни пациенти или пациенти кои имаат потреба од операција, а немаат коронавирус не се примаат. Откако е прогласена вонредната состојба, болницата и практично целосно е претворена во инфективна клиника, а сите десетина матични анестезиолози се ангажирани на Одделот за интензивна нега, па поради нивната презафатеност и премор, сите редовни прегледи, контроли и хируршки интервенции се стопирани.

    Министерот за здравство Венко Филипче неколку пати на прашањата зошто во „8 Септември“ не се примаат пациенти кои немаат КОВИД-19, а имаат потреба од интервенција, тврди дека во болницата се вршат и редовни операции доколку станува збор за итни случаи.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира