За 70 отсто е намален бројот на патници во јавниот превоз во Скопје откако почна пандемијата на КОВИД-19, поради што ЈСП „Скопје“ работи со загуби.
Од март, кога беше прогласена вонредна состојба и беа воведени рестриктивни мерки и полициски час па до сега, бројот на патници е драстично помал во споредба со истиот период лани. Лани за три месеци со јавен превоз се возеле 16 милиони патници, а годинава за истиот период 4,3 милиони.
Според бројот на валидации во месец март со јавен превоз се возеле 2.731.699 патници, а истиот месец во 2019 бројот бил 5.685.383. Најдрастичен пад на бројот на патници е регистриран во април кога со јавен превоз во Скопје се возеле 597.374 патници, а истиот месец лани бројот бил 5.237.154. Минатата година во мај според податоците на јавното сообраќајно претпријатие со автобус се возеле 5.143.870 граѓани, а годинава само 1.064.518.
Од почетокот на пандемијата досега загубата на ЈСП „Скопје“ е 4,5 милиони евра.
Поради потешкотиите во работата претпријатието нема пари да го плати на државата ДДВ за новите еколошки автобуси во висина од 1,8 милиони евра, па тие уште стојат во гаражата на ЈСП, иако се многу поекономични односно помалку трошат за разлика од кинеските двокатни дизел возила.
И покрај барањето на претпријатието испратено до Министерството за финансии да им се пребие данокот за да може да се пуштат автобусите во сообраќај, министерката Нина Ангеловски го одби ваквото барање со образложение дека ако се одобри на едно претпријатие исто ќе го барале и други.
А. АНТЕВСКА