Граѓаните позитивни на КОВИД-19 и оние кои се наоѓаат во изолација денеска гласаат на десеттите парламентарни избори во земјава. Ќе гласаат 706 лица со КОВИД-19 кои се пријавиле во Државната изборна комисијата. 54 избирачки одбори во кои покрај претставници на партиите има и медицински лица, одат во домовите на болните од КОВИД-19, со посебни протоколи за заштита. Членовите на избирачките одбори носат мантил за еднократна употреба, ракавици за еднократна употреба, заштитна маска, визир, очила и средство за дезинфекција. По завршување на гласањето во домот на секој гласач, членовите според утврдените протоколи ќе ја менуваат заштитна опрема и ќе облекуваат нова.
Меѓу здравствените работници кои се дел од избирачките одбори е и сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓорѓиевска. Ѓорѓиевска која е редовен професор на Стоматолошкиот факултет и раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, е избрана по случаен избор како медицинско лице и е дел од избирачкиот одбор во општина Гази Баба.
На овие избори право на глас имаат 1. 814 263 гласачи. Изборите ќе ги следат 2.508 домашни набљудувачи, 96 странски набљудувачи, 56 преведувачи и 56 странски новинари.
„За прв ќе се гласа три дена. По денешното гласање на болни од КОВИД-19, утре ќе се спроведе гласањето за болните и немоќните лица, притворените и осудените. Ќе се гласа во 13 казнено-поправни установи каде правото на глас ќе го остварат 1 657 лица. Во центрите за внатрешно раселени ќе гласаат шест лица, во установи за вонсемејна грижа 357, а пријавени се 8.852 болни и немоќни граѓани“, рече на портпаролот на Државната изборна комисија Адмир Шабани.
В среда гласачките места ќе бидат отворени до 21 часот. Граѓаните при гласањето треба да носат заштитни маски, да држат растојание и да ги дезинфицираат рацете.
А. АНТЕВСКА