Наставата од 1 септември да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита е генералниот став на Министерството за образвание и наука (МОН). На 10 август, на јавноста ќе ѝ биде претставена конечната верзија на плановите и протоколите како да се одвива наставата од 1 септември во услови на епидемија од ковид-19. Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска за Државната агенција МИА изјави дека работната група на Министерството и за време на продолжениот викенд ќе работи за да ги финализира сите детали во документите, што во вторник или среда ќе им бидат претставени на членовите во Комисијата за заразни болести.
Конечната верзија потоа треба да помине на седница на Влада, можеби уште на првата закажана по празникот – в среда, и се надева дека до петок усвоената верзија веќе ќе им биде пратена на училиштата за да се подготват и приспособат според своите услови.
„Имаме модели и оставаме самите локални самоуправи, кои имаат и кризни штабови, да направат проценка кој модел што ќе го понудиме и во кој период ќе биде корисен според епидемиолошката слика. Наш генерален став, како и во повеќето земји во светот, е наставата да се организира со физичко присуство на учениците и со почитување на мерките за заштита. Тоа ќе зависи и од средината, дали има или нема заболени од вирусот. Нема да биде проблем за помалите и руралните средини со помал број ученици. Наставата со физичко присуство ни е важна за основците, особено за најмалите, од прво до трето одделение, кои не може да се описменуваат преку компјутер, а има и родители кои не можат или не знаат да им помогнат. Тука е многу важна и социјализацијата на тие деца“ изјави Наумовска.
Онаму каде што ќе има учење од далечина, рече таа, не значи дека моделот е-настава ќе се применува во текот на целата учебна година, туку додека трае опасноста од вирусот и ќе може да се преминува од еден во друг модел.
Комбинираната настава би се применувала со ротации на учениците од една паралелка – едни кои ќе одат во училиште и други кои од дома онлајн и во исто време ќе ја следат наставата. Ротирањето би било на две недели. Така би се растоварил и превозот на учениците, зашто протоколите за превоз, исто така, налагаат најмногу 50 отсто исполнетост од капацитетот на возилото.
Во мали и рурални средини во одделение има од четири до шест ученици кои физички може да бидат присутни во училиштето, така што комбинираната настава е во план за поголеми паралелки кои се и најголем проблем.
За оние со максимален број, 34 ученици, во Скопје и во други големи градови ќе бараат, рече Наумовска, општините да помогнат со дополнителен државен простор каде што учениците ќе може да бидат распоредени.
Независно кој модел на настава ќе биде избран, предвидено е часовите да бидат скратени, а за најмалите да траат 20 минути. За е-настава ќе се дефинира платформа што ќе се применува на ниво на училиште, но може да се разликува од едно до друго училиште. За наставниците да бидат исто ангажирани во онлајн-наставата и за да нема оправдувања дека немале опрема или интернет пристап, се предлага наставата од далечина да ја реализираат од училиштето.
УНИЦЕФ вчера во партнерство со „Фајнанс Тинк“ и УСАИД ја претстави студијата „Социјалните и економски ефекти од КОВИД-19 врз децата во Северна Македонија“ , каде што се наведени повеќе забелешки кои се однесуваат на ризиците по здравјето на децата. Според независната консултантка Маја Парнарџиева-Змејкова, истражувањата покажаа дека неспортувањето, недвижењето влијаеа на дебелината на децата, но секако и на социјално-когнитивниот развој. Забележано е дека со неодењето на училиште и остуството на комуникација, кај децата се губи чувството за контакт, расте стравот, депресијата, сетоа тоа зголемеено со анксиозноста на родителите од неизвесноста на ситуацијата.
Училишниот психолог Ана Попризова од скопската гимназија „Орце Николов“ минатата недела за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека недостатокот на комуникација во живо може негативно да влијае врз социјалните вештини кај децата и адолесцентите, вклучувајќи и намалено препознавање и разбирање на невербалните емоционални изрази. Ова трајно ќе го измени начинот на кој што тие деца ќе комуницираат и ќе влијае на нивната социјална интелигенција.
„Колку можете да процените како се чувствува некој од изразот на лице прекриено со маска, или од бојата на гласот кај некој кој носи маска преку лицето при вербална комуникација, или кога не можете да се поздравите или прегрнете со некого и сличо? Без дружење со пријатели, досадата може да предизвика-отвори врата за ризичните однесувања, зголемено конзумирање алкохол, дрога и слично. Со цел да најдат извор на стимулација, извртувањето и прекршувањето на правилата може да се доживее како можност да се почувствува возбуда и независност од родителите кога не е можно тоа во реалниот живот, бидејќи се во присуство на родителите. Конечно, без онаа типична комуникација со соучениците и училишната клима која го развива, исто така и мотивот за постигнување и постигнувањето на учениците се зафатени. Со оглед на тоа што минувањето на време и другарувањето со врсници е една од причините што тинејџерите едвај чекаат да одат на училиште, академската мотивација може значително да се намали, да се намалат и барањата на наставниците. Бидете свесни дека учениците не се само изолирани од своите другари, туку и од просторите во кои живееле“, вели Попризова.
Б. НЕСТОРОСКА