ПОЛОВИНА ОД РЕДОВНО ЗАПИШАНИТЕ ДЕЦА ЌЕ ОДАТ ВО ГРАДИНКА ОД СЕПТЕМВРИ, ПРИЈАВИЛЕ РОДИТЕЛИТЕ

    ПОЛОВИНА ОД РЕДОВНО ЗАПИШАНИТЕ ДЕЦА ЌЕ ОДАТ ВО ГРАДИНКА ОД СЕПТЕМВРИ, ПРИЈАВИЛЕ РОДИТЕЛИТЕПриоритет во овој период за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и деца на двајца родители кои се вработени и за тоа ќе донесат потврда во установата дека не можат да работат од дома. (Фото: К. Попов)

    Половина од запишаните деца во градинките низ земјава, родителите ги пријавиле дека имаат потреба за згрижување од септември кога се најавува нивно повторно отворање.

    Од почетокот на месецов, вработените во градинките ги информирале родителите дека се подготвуваат за повторно почнување со работа и барале од нив да ги известат дали нивните деца ќе имаат потреба за згрижување. За да се испочитува протоколот за работа кој предвидува намален број деца, предност имаат самохраните родители и оние кои не можат да работат од дома.

    „Согласно податоците кој што ги добивме од страна на детските градинки и општините, потребата во овој период за згрижување на деца е 50 отсто од вкупно запишаните деца. Детските градинки се тие кои што ја организираат работата во градинката согласно протоколот, а Општините потребно е да изнајдат начин, односно дополнителен просторен капацитет или да извршат адаптација на простории за згрижување и на останатите деца кои се запишани или се на листи на чекање“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Согласно протоколот за работа на градинките кој Владата го донесе уште на 29 мај годинава, групите за деца до 2-годишна возраст треба да имаат по максимум 6 деца, а групите за децата од 3 до 10 годишна возраст да имаат по максимум 15 деца.

    Од Министерството објаснуваат дека приоритет во овој период за посетување градинка ќе имаат децата на самохраните  родители и деца на двајца родители кои се вработени и за тоа ќе донесат потврда во установата  дека не можат да работат од дома. Одлуката за згрижување на останатите деца и упис на нови ќе ја донесе самата градинка, ако има помал број деца во групите од предвиденото во протоколот и ако просторните капацитети го дозволуваат тоа.

    „Имајќи ја предвид сериозноста на пандемијата и ширењето на вирусот, како надлежно министерство апелиравме  до сите родители кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин, да дадат предност на оние родители кои  мораат да се присутни на работното место, а немаат каде да ги остават своите деца“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Кога ќе бидат повторно отворени градинките сѐ уште не е одлучено. На средбата  на 12 август меѓу претставници на Министерствата за здравство и труд и социјална политика со Комисијата за заразни болести, беше побарано да се достави информација колку деца се пријавени за згрижување. Оттогаш, за ова прашање не е разговарано ниту е донесена одлука кога градинките ќе почнат да згрижуваат деца.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира