Кратење на бенефициите на функционерите и проверка на потеклото на нивниот имот, најави денеска на својата прва прес-конференција вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски. Тој кажа дека по завршување на важните процеси во државата на надворешен план, дошло време да се средат работи внатре.
Неговата работа ќе биде координативна, насочена кон работата на Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, инспекторатите, со што како што кажа Николовски тие ќе го зголемат учинокот во самата работа бидејќи ќе има кој да ги контролира и да бара резултати од нив.
„Еден од столбовите на нашата програма е кратење на бенефициите и привилегиите на функционерите. Секој од нас е дојден овде за плата и треба да одработи најдобро што може за граѓаните. Како што јас сум можел да не користам службена картичка како министер и ништо да не ми фали, може и секој функционер од централно до локално ниво. Ако само до пред неколку години милиони евра се трошеле за забави во странство, за скапи костими и вратоврски, сега тоа е променето. Сѐ уште има директори или министри кои не се до крај транспарентни, има комисии во кои членуваат вработени во институцијата кои земаат плата и плус надоместоци. Имаме многу работи што треба да ги промениме“, рече Николовски.
Николовски кажа дека резултатите од борбата против корупцијата и криминалот не може да даде резултати преку ноќ, потребно е време, но најави дека во овој 4-годишен мандат на Владата тоа ќе биде еден од приоритетите, за да се врати вербата на граѓаните во институциите.
А, АНТЕВСКА