НЕ БИ ДРАМАТИЗИРАЛ, СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ НАЈДАТ РЕШЕНИЕ ЗА СПОРОТ, РЕЧЕ ЕВРОКОМЕСАРОТ ВАРХЕЈИ

    НЕ БИ ДРАМАТИЗИРАЛ, СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЗАЕВ И БОРИСОВ ЌЕ НАЈДАТ РЕШЕНИЕ ЗА СПОРОТ, РЕЧЕ ЕВРОКОМЕСАРОТ ВАРХЕЈИВархеји смета дека спорот меѓу Македонија и Бугарија е чувствително прашање, но се надева дека ќе се постигне договор.-Заев и Вархеји пред Владата (Фото: Ѓ.Личовски)

    Европската унија ќе направи сè што може да помогне на Северна Македонија и Бугарија да најдат заедничко решение за спорот, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој е во еднодневна посета на Скопје. Вархеји смета дека спорот меѓу Македонија и Бугарија е чувствително прашање, но се надева дека ќе се постигне договор.

    „Јас можам само да повторам дека е во интерес и на Македонија и на Бугарија да најдат решенија за овие прашања. Гледам посветеност кај премиерите Заев и Борисов и се надевам дека ќе успеат да најдат решение, а ние ќе направиме сѐ што можеме да помогнеме во тој процес. Не би драматизирал многу околу прашањето, сериозно е, но може да се најде решение“, рече Вархеји на  заедничката прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев во Владата.

    Посетата на еврокомесарот Вархеји е еден ден откако Европската комисија го објави извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ и беше најавен економскиот пакет од 9 милијарди евра за помош на земјите од Западен Балкан.

    Премиерот Зоран Заев кажа дека помошта од ЕУ преку овој економски пакет ќе биде за проекти кои се од животно значење за граѓаните.

    „Овие пари се за проекти за автопатишта, железница, гасна мрежа, енергетски проекти, изградба на пречистителна станица на Скопје, поддршка на домашните компании. Убавината на овој пакет е што Европската комисија се потруди во него да ги вгради сите наши национални планови. Проектите се спремни, а имплементацијата ќе биде во наредните 4-5 години. Јас верувам дека со еврокомесарот Вархеји ќе имаме можност да пуштаме многу проекти заедно во овие 4 години реализирани токму преку овој економски пакет“, рече Заев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира