СРЕДНОШКОЛЦИ ВО ТЕТОВО И КУМАНОВО ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ОНЛАЈН НАСТАВА

    СРЕДНОШКОЛЦИ ВО ТЕТОВО И КУМАНОВО ПРОТЕСТИРАА ПРОТИВ ОНЛАЈН НАСТАВАУчениците бараа наставата да ја следат со физичко присуство во училиштето бидејќи, како што велат, немаат сите услови за онлајн следење; - Од протестот во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Средношколци од Тетово и Куманово денеска протестираа барајќи да одат на училиште, а не да следат онлајн настава.

    Стотина ученици од паралелките на албански јазик од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, на кои им се придружија и помал број ученици од другите средни училишта во Тетово, денеска протестираа против одлуката наставата да ја следат онлајн. Ова е втор нивни протест, првиот го одржаа на првиот ден од почетокот на учебната година. И тогаш а и сега тие бараа наставата да ја следат со физичко присуство во училиштето бидејќи, како што велат, немаат сите услови за онлајн следење.

    „Многумина од нас учениците немаат секој компјутер, немаат Интерет ниту можност да се вклучи на платформата, а многумина немаат ни пари за да купат компјутерска опрема. Исто така, имаме многу проблеми и со националната платформа за учење. Еве јас уште немам код за да се приклучам на наставата, а со овој проблем се среќаваат многу ученици. Исто така, и оние ученици кои успеаја да се приклучат на платформата имаат проблеми со мрежата, која многу лесно паѓа. Освен ова и професорите во училиштата немаат Интернет па сето ова го прави онлајн учењето многу проблематично. Затоа денес протестираме и затоа што и нашите барања од првиот протест сѐ уште не се исполнети. Со протестите ќе продолжиме и понатаму“, вели средношколката Блера Мухареми.

    Учесниците на протестот, кои сите беа од наставата на албански јазик, првин се собраа во дворот на тетовската гимназија а потоа, поминаа по тетовските улици, за протестот да заврши на градскиот плоштад.

    Во Куманово протестираа стотина ученици од кумановските училишта, главно средношколци.

    „Како можат да работат кафулињата, рестораните и други објекти, а само училиштата не. Мене не дека нешто многу ми се оди на училиште, ама таму е другарувањето, зезанцијата, во постојана интеракција сме едни со други, а вака ќе закржлавеме седејќи дома. Министерството со затворањето на училиштата може се грижи за нашето здравје, но не и за нашата иднина, бидејќи ќе останеме неписмени и без соодветна наобразба. Има и многу деца што немаат компјутери, а Владата не може да купи на сите и затоа треба да се вратиме во училишните клупи“, – вели Кирил Димитриевски, ученик во четврта година во Техничкото училиште „Наце Буѓони“.

    Директорот на училиштето Драган Јаневски, вели дека против онлајн настава се група на ученици, коишто за денеска најавиле дека ќе одат на протест, додека останатите редовно си ја следат онлајн наставата, а нема ни осипување на учениците што денеска имале практична настава во училиштето.

    Според одлуката на Министерството за образованите, во Куманово во сите основни и средни училишта кои се во градските средини наставата се изведува онлајн, а во централните и подрачни училишта во селските средини, со помал број на ученици со физичко присуство.

    Од Министерството за образовани и наука (МОН) вчера соопштија дека од почетокот на учебната година на 1 октомври, бројот на учениците коишто следат онлајн настава е зголемен за околу 10 отсто и дека за неполна недела околу 80 отсто од учениците во средните и основните училишта успешно се приклучија кон онлајн наставата.

    „Апелираме до сите оние кои ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од учењето е на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и најважно од сѐ е образовниот процес да продолжи“, вели МОН.

    З. АНДОНОВ – С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира