Премиерот Зоран Заев утринава од Спомен-костурницата во Куманово по повод Денот на востанието против фашистичкиот окупатор 11 Октомври, уште еднаш истакна дека македонскиот јазик и идентитет се меѓународно потврдени.
„Нашиот јазик, македонскиот јазик, и нашиот идентитет Македонци се кристално потврдени во Обединетите нации, во Брисел и насекаде во светот.Македонија доби пробив на меѓународен план , благодарејќи на Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа. Нашата држава е ценет и почитуван партнер, пример за регионот“, кажа Заев, истакнувајќи го тоа како продолжение на борбата за слобода и своја држава на илјадниците востаници од Македонија, од сите вери и националности кои тука живеат.
Повика на единство со опозицијата во борбата против лажните вести за пандемијата, кои, како што кажа, може да бидат поопасни од вирусот, а упати повик и за заедничка борба против невидливиот непријател, зашто есенва состојбата се очекува да се вжешти и да биде полоша.
Членството во НАТО, кажа тој, ја редефинираше улогата на Република Северна Македонија во активна безбедносна арена и оти повеќе не сме сами.
„На денешен ден 11 Октомври – Денот на народното востание, нашите сограѓани во Куманово и Прилеп, го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда и го започнаа остварувањето на вековниот сон – сопствена и заслужена државност. Со овој голем историски чин започна и впишувањето на македонската држава на мапата на нациите на светот“, напиша претходно тој на Фејсбук.
С. К. ДЕЛЕВСКА