ОД ДЕНЕС ПРОДОЛЖУВА АПЛИЦИРАЊЕТО ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ, ПАРИ ИМА УШТЕ ЗА 1.000 ЖИТЕЛИ НА СКОПЈЕ

    ОД ДЕНЕС ПРОДОЛЖУВА АПЛИЦИРАЊЕТО ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА ИНВЕРТЕРИ, ПАРИ ИМА УШТЕ ЗА 1.000 ЖИТЕЛИ НА СКОПЈЕДосега се предадени над 1.000 печки на пунктовите во Сарај, Шуто Оризари и во пунктот во Рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош. (Фото: Град Скопје)

    Од денеска жителите на Скопје повторно ќе може да аплицираат за субвенции за инвертери во висина од 1.000 евра откако пред еден месец огласот беше прекинат. Од Град Скопје велат дека ги обработиле пристигнатите 4.282 барања за субвенции и било утврдено дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена.

    Субвенции има за уште околу 1.000 домаќинства кои можат да аплицираат онлајн.

    „Новитет  годинава е што граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, мазут или нафта, а досега се предадени над 1.000 печки на пунктовите во Сарај, Шуто Оризари и во пунктот во Рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош.  Акцијата во општина Карпош  почна вчера, а ќе трае и денеска  и утре од 10 до 16 часот“, велат од Град Скопје.

    Вчера градоначалникот Петре Шилегов и премиерот Зоран Заев најавија дека ќе има казни за граѓаните кои добиле субвенции од државата, а продолжиле да се греат на дрва.

    „Многу лесно се проверува тоа. Инспекторите ќе дојдат до куќата и гледаат дали оџакот чади. Ако чади тогаш ќе се постапува. Верувам дека инспекторите ќе постапуваат и ќе вршат контроли“, кажа вчера премиерот Зоран Заев, при посета на пунктот за предавање стари печки во Карпош 3.

    Согласно со условите, на овој јавен повик поради состојбата со коронавирусот, онлајн можеа да аплицираат сите жител на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе  го инсталираат  инвертерот.

    Град Скопје доби од Владата 5,2 милиони евра за субвенционирање на домаќинствата за промена на начинот на загревање на домовите, како една од мерките во борбата против загадувањето.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира