СЕ ПОЛНИ И МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА ДО ИНФЕКТИВНА, АКО СЕ ПРЕПОЛНИ ЌЕ ИМА ПОЛИЦИСКИ ЧАС, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    СЕ ПОЛНИ И МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА ДО ИНФЕКТИВНА, АКО СЕ ПРЕПОЛНИ ЌЕ ИМА ПОЛИЦИСКИ ЧАС, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМинистерот Филипче кажа дека ако оценат оти овие резервни капацитети се исполнуваат, тогаш дефинитивно ќе препорачаат полициски час; - Волзило на Брзата помош од Крива Паланка пред монтажната болница до Инфективна клиника.(Фото: К. Попов)

    Почна да се полни модуларната болница до Инфективната клиника, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека ако здравствените власти оценат оти овие резервни капацитети се исполнуваат, тогаш дефинитивно ќе препорачаат полициски час.

    Во последните 24 часа регистрирани се 408 нови позитивни случаи на ковид-19, а активни во земјава се 5.673.

    Монтажната болница е опремена од јуни, има капацитет од 72 болнички кревети во дел стационар, плус амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци. Целата структура на монтажната болница е поврзана со „топла врска“ со зградата на Клиниката за инфективни болести. Влезот е поставен централно на „топлиот ходник“ до кој се пристапува директно со амбулантско возило.

    „Болничките капацитети забрзано се исполнуваат. Се преполнија некои болници. Нема слободни болнички кревети во повеќе инфективни одделенија во државата, во болницата во Куманово, Штип, Струмица. Почна да се полни одделението во Кавадарци и во Гостивар. Во Прилеп и Битола менаџираме помеѓу двата центри. Во Охрид добро се менаџира бројот на хоспитализации и тука имаме слободни болнички кревети.  Болничките капацитети се еден од главните параметри. Ако ние оцениме дека овие капацитети кои се димензионирани да бидат резерва се исполнуваат тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час“, вели Филипче.

    Министерот уште еднаш апелираше пратениците да покажат одговорност и итно да ги донесат мерките за заштита од ковид-19 кои се во Собранието,  откако измените на Законот за заштита на населението од заразни болести не се најдоа на дневен ред на денешната седница, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ побарала време да ги разгледа. Со измените задолжително ќе биде носење маска на отворено, се забранува групирање на отворено после 22 часот и се ограничува бројот на гости во домовите на 4 лица.

    Филипче вели дека нема повеќе време за одлагање, состојбата со вирусот е сериозна и мора што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки и да се спречи понатамошно ширење на вирусот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира