КУМАНОВЦИ ГИ КРИЈАТ КОНТАКТИТЕ СО БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУС ОТИ ГАЗДИТЕ НЕ ИМ ГИ ПРИЗНАВААТ РЕШЕНИЈАТА ЗА САМОИЗОЛАЦИЈА

КУМАНОВЦИ ГИ КРИЈАТ КОНТАКТИТЕ СО БОЛНИ ОД КОРОНАВИРУС ОТИ ГАЗДИТЕ НЕ ИМ ГИ ПРИЗНАВААТ РЕШЕНИЈАТА ЗА САМОИЗОЛАЦИЈАОд Синдикатот апелираат работниците масовно да ги пријавуваат овие прекршувања на работните права за да може да реагираат кај Државниот инспекторат за труд. (Фото: СДК.МК)

Ги криеме контактите со заболените од коронавирус затоа што газдите не ни ги признаваат решенијата за самоизолација, велат кумановци, откако Центарот за јавно здравје објави дека позитивните свесно кријат со кого имале контак за да не седат во изолација, и со тоа придонесуваат да се шири вирусот.

„Фирмите не ги прифаќаат решенијата за самоизолација и ни земаат денови од годишен одмор или не ни ги плаќаат деновите кои ги седиме дома, а лекарите не даваат боледување ако немаш симптоми и ако не си позитивен. За оваа појава се криви газдите, а не вработените. Има многу дупки во работата на инспекциските служби и затоа се случуваат вакви работи“,  реагираат кумановци.

Од Регионалното синдикално преставништво во Куманово велат дека слушнале за овој проблем на работниците, но досега немаат добиено ниту една официјална пријава.

„Ги охрабруваме работниците да ги пријават ваквите прекршувања кај нас, за да можеме навремено да реагираме кај инспекциските служби за да се заштитат нивните права“, велат од Синдикатот.

И од Државниот инспекторат за труд во Куманово кажуваат дека нема пријави од работниците за ваквата појава.

Кога работникот ќе пријави дека не му е исплатено 70 отсто од боледувањето поради прележан ковид или дека самозолацијата не му е платена и слични пријави, ние реагираме. Но, доколку не се пријавуваат прекршувањата не можеме ништо да направиме, вели Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“. (Фото: СДК.МК)

И додека кумановските работници не се осмелуваат да ги пријават газдите за прекршување на нивните права, Кристина Ампева од здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен текстилец“ од Штип, вели дека кај нив пристигнале таквите поплаки од работниците и тие веќе реагирале кај надлежните. Таа има сознанија дека дури и некои газди им забранувале на работничките да ги кажуваат контактите, а други вработени со симптоми на коронавирус оделе на работа.

„Во најтешка состојба се оние на кои цели семејства им работат во една фабрика, па тие ги кажуваат контактите на оние што не работат со нив, а другите ги кријат за да не останат без егзистенција, а имаме такви низа примери. На неколку пати ние апелиравме и алармиравме во Центрите за јавно здравје и Општинскиот кризен штаб, меѓутоа не е една фирма, па да можеме да знаеме секаде што се случува. Кога работникот ќе пријави дека не му е исплатено 70 отсто од боледувањето поради прележан ковид или дека самозолацијата не му е платена и слични пријави, ние реагираме. Но, доколку не се пријавуваат прекршувањата не можеме ништо да направиме“, вели Ампева.

Таа додава дека е најдобро работниците да направат фотографија или фотокопија од боледувањето за да има доказ кога тоа нема да се плати, бидејќи договорите на работниците се потпишуваат на месец, два или три, и тоа е дополнителен проблем. Ампева смета дека ако газдите ги преземат сите мерки и протоколи за време на работата коишто ги препорачува Комисијата за заразни болести, пред сè дезинфекција на погоните и добро организиран превоз, вакви работи не би се случувале. Затоа, бара сите институции и лекарите да регираат согласно своите надлежности за да се спречат злоупотребите на работниците во време на коронакриза.

С. НИКОЛИЌ


    ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


    Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира