На Плоштадот Македонија во Скопје почна поставувањето на новогодишната елка. Таа и годинава како и лани ќе биде дигитална, односно нема да биде со светилки во една боја туку ќе се менува во различни нијанси и бои.
Според најавите од Градот, Скопје ќе биде украсено и ќе се светне во новогодишни бои до 5 декември. Покрај Плоштадот Македонија, украсени ќе биде и главните улици и булевари низ градот. Годинава нема да се организира новогодишната манифестација „Винтерленд“, ниту ќе има прослава за дочек на Нова година.
Градоначалникот Петре Шилегов пред два дена за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека и покрај коронакризата, градската власт не се откажува од празнична, новогодишна атмосфера низ улиците и плоштадите во главниот град, бидејќи на тој начин ќе се врати надежта и насмевките на лицата на граѓаните, особено на децата.
„Оваа година, на нашите дечиња им е одземено многу, детството, училишната година, играта со другарчињата, радоста. Сметам дека во оваа тешка година и мрачно време во коешто живееме, не треба на светол момент како што е Нова година да останеме неми. Немаме право да го направиме тоа, немаме право да им ја одземе надежта и радоста на граѓаните и децата“, изјави градоначалникот Шилегов.
Тендерот за новогодишно украсување на градот чини 200.000 евра.
А. АНТЕВСКА