ЗЛАТЕН ТИГАР ЗА ИНДИСКИОТ „КАМЧИЊА“, СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА НА ЖИРИТО ЗА КОСОВСКО-МАКЕДОНСКАТА КОПРОДУКЦИЈА „ВО ПОТРАГА ПО ВЕНЕРА“ ВО РОТЕРДАМ

    ЗЛАТЕН ТИГАР ЗА ИНДИСКИОТ „КАМЧИЊА“, СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА НА ЖИРИТО ЗА КОСОВСКО-МАКЕДОНСКАТА КОПРОДУКЦИЈА „ВО ПОТРАГА ПО ВЕНЕРА“ ВО РОТЕРДАМ„Во потрага по Венера“ е на косовската дебитантка Норика Сефа. (Фото: ИФФР)

    „Камчиња“ на индискиот дебитант Винотраџ П. С. го освои престижниот Златниот тигар и 40.000 евра на годинашниот јубилеен 50. фестивал во Ротердам, а „Во потрага по Венера“ на косовската дебитантка Норика Сефа во копродукција на Косово и Македонија ја освои Специјалната награда на жирито, исто како и „Коризиканско лето“ на францускиот автор Паскал Тањати. Наградата ВПРО Голем екран ја освои Аргентинката Ана Кац за „Кучето што не сакаше да замолчи“ а Босанката Јасмила Жбаниќ за „Кво вадис, Аида?“ за маскарот во Сребреница ја доби наградата на публиката.

    „Камчиња“ на индискиот дебитант Винотраџ П. С. го освои престижниот Златниот тигар и 40.000 евра. (Фото: ИФФР)

    Победникот „Камчиња“ е натуралистичка драма за изместениот однос меѓу мало дете и неговиот насилен татко пијаница на едно патешествие низ регионот на јужна Индија погоден од најголемата суша на векот.

    Филмот на Сефа, дипломец на славната чешка филмска школа ФАМУ и која живее и работи во Прага, е за духовоното и сексуално осознавање и созревање на тинејџерката Венера во село во Косово и нејзината еманципација во строгата патријархална средина. Венера и бунтовната другарка Дорина одлично ги играат младите Косоваре Красниќи и Розафа Челај и нивната спротивставена енергија, едната тивка и сериозна, другата бучна и левтерна, го вози филмот. Продуцент е косовскиот „Сиркл филм“ на Бесник Крапи, а дизајнерот на звук Игор Поповски е продуцент од Македонија како и продуцентот Дејан Крајчевски од „Круг филм“. И овој успех како и триумфот на косовската дебитантка Блерта Башоли со „Улиште“ на годинашниот Санденс е уште една потврда за огромниот подем на косовската кинематографија во изминативе 5 години. Башоли, инаку, во „Венера..“ е прв асистент на режисерката Сефа.

    „Со намерна воздржаност и непретенциозна искреност, работата со камерата и звукот се обединуваат за да доловат интимно парче живот, каде што она што е набрзина скриено под тепихот не е заборавено. Во ‘Во потрага по Венера’, ситните детали од секојдневието се деликатно исполнети со ризичната, но сепак жилава потрага да се најде своето младо ‘јас’“, вели жирито во образложението за наградата за филмот на Сефа.

    Сцени од победниците (од лево кон десно) „Коризиканско лето“, „Во потрага по Венера“, „Кучето што не сакаше да замолчи“ и „Кво вадис, Аида?“ (Фото: ИФФР)

    Наградата на Меѓународата асоцијација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ ја доби тајландскиот „Пред изгрејсонце“ на дебитантот Таики Сакриписит, медитативно истражување на политички конфликт стар 40 години и неговите жртви.

    Директорката на фестивалот Вања Калуџерчиќ, на која баш јубилејното 50. издание ѝ беше прва работна година, вели дека во ова најтешко време успеале да донесат извонредна селекција во преобмислениот фестивалски формат – фестивалот сега беше онлајн, а во јуни се очекува да има и физичка форма.

    „Од ова издание научивме колку е отпорна оваа индустрија, а исто така и нашата публика која целосно го прифати и поддржа ова прво поглавје на годинашниот фестивал“, рече Калуџерчиќ на онлајн церемонијата на затварањето.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира