ХОТЕЛИЕРИТЕ БАРААТ ПРВИ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ЗА СТРАНСКИТЕ ГОСТИ ДА ЈА СМЕТААТ ЗЕМЈАВА ЗА БЕЗБЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА

    ХОТЕЛИЕРИТЕ БАРААТ ПРВИ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ ЗА СТРАНСКИТЕ ГОСТИ ДА ЈА СМЕТААТ ЗЕМЈАВА ЗА БЕЗБЕДНА ДЕСТИНАЦИЈАТуристичките работници за оваа година очекуваат 65 проценти домашни туристи, а останатите од надвор претежно од регионот. Фото: СДК.МК)

    Вакцинација на хотелските работници и силна кампања за да можат странските туристи да се охрабрат да дојдат на Охридско-струшката ривиера и да се уверат дека Македонија е сигурна дестинација за 2021 година. Со вакво барање денеска во Струга хотелиерите седнаа на маса со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

    Хотелиерите побараа приоритет во имунизацијата на угостителските работници, бидејќи гостите кои доаѓаат треба се чуствуваат безбедни. Велат дека не смеат ни да помислат да не добијат вакцини во следните 30 дена во спротивно ќе се испрати слика дека не сме безбедна дестинација.

    „Што поскоро да се донесе вакцината и да се започне со имунизацијата. Протоколи за собите постојат и тие ќе се подобрат, покрај дезинфекција се зборува и за озонирање на собите со што ќе имаме сертификати со кои ќе ја докажеме безбедноста. Во ресторанскиот дел се бара начин како безбедно да се служи шведска маса бидејќи странските гости бараат ваква услуга. Брзи тестови и кол-центар мора да има за гостите“, вели претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.

    Најпосакувани се странските гости, но очекувањата за оваа година се 65 проценти домашни туристи, а останатите од надвор претежно од регионот. Туристичките работници оптимистички најавуваат и надминување на 2 милиона остварени ноќевања.

    Првите гости од соседството, каде најпрво ќе започнат промотивните активности, се очекуваат од мај.

    „Промотивните активности започнуваат од 15 март најпрво во земјите од регионот каде може да се патува, традиционалните пазари како Полска, Турција, Србија, Албанија, Косово како и во некои земји со кои ќе се воспостават авионски линии. Приоритетно е оваа година да се создадат услови за зелени зони со Холандија за која Охрид како туристичка дестинација е многу значајна. Големите тур-оператори под одредени услови ќе се потрудиме да ги донесеме, можеби не во толкав број, но во број кој ќе значи многу повеќе мотивација за нас како туристичка дестинација и сигнал за што поголем број туристи оваа година“, вели директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

    Според него справувањето со пандемијата кај нас, во регионот, но и во земјите од Европската унија ќе биде битен фактор за успешна туристичка сезона. Сепак рестрикциите на Европската Унија и одредените уште позатегнати протоколи кога се во прашање патувањата за првиот квартал од 2021 година не дава оптимистички резултати.

    „Додека Европската унија не одлучи дека нејзините граѓани можат да патуваат во трети земји надвор од Унијата ќе имаме потешкотии со враќањето на истите туристи“, вели Јаневски.

    Туристичките работници најавија дека продолжува и кампањата „Дома си е дома“ за привлекување на домашните гости како и усогласување на одредени протоколи со протоколите на Европската унија и подобрување на работењето на угостителско-хотелиерскиот сектор сè со цел Македонија да биде сигурна дестинација и за странските туристи.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира