И Американската амбасада и Мисијата на ЕУ во Скопје реагираа по вчерашното гласање во Собранието, кога пратениците на владејачкото мнозинство одбија да гласаат за измените на законите со кои СЈО бараше дополнителна заштита на заштитените сведоци и да му се продолжи рокот за истрагите.
И едните и другите испратија соопштенија во кои ги повикаа сите потписници на договорите од Пржино да го почитуваат договореното, иако според листингот од гласањето се знае кој гласал против и кој избегал и не бил во салата за време на гласањето.
Впрочем, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 25 септември изјави дека неговата партија нема да ги поддржи барањата кои Јанева ги испорача во Парламентот, а со кои се бараше продолжување на работата на Специјалното обвинителство со продолжување на рокот за истраги, измена на законот за сведоците и приватноста, како и почитување на препораките од Венецијанската комисија.
Груевски од понеделникот е во САД и има партиски активности, соопшти партијата. Според договорот со американската компанија „Дашл груп“, ВМРО-ДПМНЕ од ноември лани им плаќа по 49.500 долари месечно за промоција на партијата во САД. Нема потврда дали договорот сѐ уште е на сила, но ако важи, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ само на Дашл груп досега им исплатиле околу 500.000 американски долари.
Собранието ќе се распушти на 11 октомври и Специјалното обвинителство останува со стеснет простор за истраги и во подредена положба во однос на основните јавни обвинителства и обвинителството за организиран криминал, откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од македонскиот етнички блок вчера гласаа против законските измени за пролонгирање на рокот за поднесување обвиненија од ова обвинителство. Освен ова, Специјалното обвинителство нема да може индивидуално и дискретно да ги заштити со закон сведоците кои сакаат да сведочат во врска со нелегалното прислушување и криминалот кој произлегува од прислушуваните разговори.
Владејачкото мнозинство го одби и предлогот за измена на Законот за заштита на сведоците.
Двете измени беа поднесени од парламентарната опозиција, предводена од СДСМ, откако специјалната обвинителка Катица Јанева буквално молеше во Парламентот за тие да се донесат.
Амбасадата на САД барањата на Специјалното јавно обвинителство за измена на законот за заштитени сведоци и за продолжување на рокот на истрагите ги оцени за разумни.
„Ги охрабруваме сите партии да се придржуваат кон обврските преземени со договорите од Пржино и од 20 јули за да осигураат веродостојни избори и непречена работа на Специјалното обвинителство и на независните набљудувачи на медиумите“, соопшти амбасадата на САД, откако пратениците на владејачката коалиција одбија да гласаат за барањата на СЈО за измена на законите со кои ќе им се олеснеше работата во истрагите за прислушуваните разговори.
„Воспоставувањето отчетност за неавторизираните прислушувања и сомнежите за владина злоупотреба се суштествени за да може Македонија да излезе од продолжената криза. Веруваме дека се разумни барањата на СЈО за поддршка на темелна, независна истрага на фактите“, се вели во соопштението на САД.
И делегацијата на Европската Унија во Скопје вчера повторно ги повика потписниците на Договорот од Пржино да се придржуваат до договорот и да ја поддржат работата на СЈО.
„Улогата на СЈО беше договорена од сите партии, како дел од Договорот од Пржино. Сите партии повеќепати се обврзаа да ја поддржат работата на СЈО. ЕУ ги охрабрува сите да дејствуваат во согласност со своите обврски и ја истакнува важноста на отчетноста“, соопшти Делгацијата на ЕУ во Скопје.
Вчера по гласањето, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ останале на ставот дека нема да прифатат никакво барање од СЈО и никакви нови договарања, преговарања и продолжувања на рокови кои се надвор од Договорот од Пржино. На новинарско прашање дали кај владејачката партија постои страв дека нивни членови ќе бидат гонети од СЈО и затоа не го поддржуваат законот, Димовски одговори дека не им е страв и дека никој не е над Уставот и над Собранието. „Тој што мисли дека е над нив, ќе ја добие лекцијата што беше испорачана денеска“, изјави Димовски.
Вчера, по седницата и исходот од гласањето во Собранието, реагираше и СЈО.
“Недонесувањето на Законот за заштита на сведоци ќе ја отежне нашата работа. Без тој закон остануваме немоќни да работиме по одредени предмети“, рече СЈО.
Специјалната обвинителка Катица Јанева уште минатата недела, прашана од пратениците за случаите “Монструм“, “Сопот“ и “Мартин Нешкоски“, рече дека СЈО не може да влезе во сржта на овие предмети ако не се донесат измени на Законот за заштита на сведоци. Јанева, која уште на први април годинава поднесе иницијатива до Собранието за измена на Законот за заштита на сведоците, побара да се примени италијанскиот модел кој го користи тамошниот специјален јавен обвинител во антимафијашките истраги. Според тој модел, специјалниот обвинител сам одлучува кој сведок ќе биде ставен под програма за заштита и никој друг од обвинителството не го знае името, презимето и останатите лични податоци на заштитениот сведок. Јанева, всушност, со иницијативата побара во случаите што ги води СЈО, само таа да одлучи кој од сведоците ќе го стави под заштита.
Според Законот што сега се применува, сведок може да биде ставен под заштита на предлог на јавен обвинител, а потоа за тој предлог треба да се состане комисија и таа, а не обвинителот, да одлучи дали предлогот е основан. Членови на комисијата се: претставник од Врховниот суд од редот на судиите, претставник од Јавното обвинителство на РМ од редот на замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкции и двајца претставници од МВР, вкупно пет члена. Поради тоа, СЈО во досегашните постапки нема кажано ниту едно име од сведоците. Оние сведоци кои ќе се согласат тајно да сведочат, СЈО ги штити со процесна заштита, т.е. за идентитетот на “скриениот“ сведок, покрај ова Обвинителство, знае и судот.
Измената на Законот за заштита на сведоците вчера беше отфрлена со 52 гласа “против“ и 42 “за“. Третина од пратениците, главно од ДУИ и од ДПА, не ни беа во Собранието, а фалеа по тројца – четворица и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.
Пред две недели Јанева од пратениците побара Собранието да го укине членот од законот за СЈО со кој се дефинира рок за истрагите.
“Пуштете нѐ да работиме додека не завршиме. Додека имаме работа, да работиме согласно Кривичниот закон“, рече таа. Според сегашниот закон, СЈО може да покрене обвинение, или да нареди истражна постапка, во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност“, што значи до март годинава. Во измената што се најде вчера по итна постапка пред пратениците, опозицијата бараше изедначување на рокот за покренување на обвинение на СЈО со останатите обвинителства, а тоа е една година од моментот кога ќе биде отворена истрагата за кривичното дело.