ЗАЕВ НЕМА ДА БАРА ОСТАВКА ОД ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ ОТИ ПОСВЕТЕНО РАБОТИ И ЗЕЛ САМО ТРИ ДЕНА СТАР ОДМОР

    ЗАЕВ НЕМА ДА БАРА ОСТАВКА ОД ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ ОТИ ПОСВЕТЕНО РАБОТИ И ЗЕЛ САМО ТРИ ДЕНА СТАР ОДМОРОд Владата велат дека Николовски денеска се враќа на работа. (Фото: Архива на СДК.МК - Ѓ.Личовски)

    Премиерот Зоран Заев нема да побара оставка од вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски кој заминал на одмор во Дубаи бидејќи тој има законско право на одмор, а не постои ни забрана за влез и излез од земјава за македонските граѓани.

    Од кабинетот на премиерот на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали Заев ќе побара оставка од Николовски од морални причини бидејќи во ек на пандемија кога луѓе губат работни места, а фирми очекуваат економска помош тој заминал на одмор на егзотична дестинација, велат дека во никој случај нема да се бара оставка.

    „Вицепремиерот Николовски редовно и посветено ги реализира активностите и обврските во рамки на неговите надлежности. Вицепремиерот користеше три слободни денови од неговиот лански годишен одмор согласно Законот за работни односи и од денеска тој е на своето работно место. Тој продолжува со силен интензитет во реализација на владиниот антикорупциски план, од него во никој случај нема да се бара оставка“, велат од Кабинетот на премиерот.

    Од владината служба за односи со јавноста за САКАМДАКАЖАМ.МК одговорија дека Николовски од денеска се враќа на своите работни обврски.

    „Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, согласно Законот за работни односи, од приватни причини, користеше одмор од 2020 година, во времетраење од три дена, заклучно со денешниот ден“, велат од кабинетот на Заев и додаваат дека ‘не постои забрана за влез и излез во земјата за македонски граѓани, тоа право не е ограничено за никого‘.

    До Кабинетот на премиерот испративме и прашање дали вицепремиерот Николовски заминал во Дубаи за да се вакцинира, имајќи го предвид фактот дека голем број бизнисмени, политичари и членови на кралски семејства одат во Обединетите Арапски Емирати во изминатите месеци, каде што пријатели на високи места им помогнале да се вакцинираат против ковид-19.

    Одговор на тоа прашање не добивме.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира