6О СЕМЕЈСТВА ОД СКОПСКО ЛИСИЧЕ ДОБИЈА ГРАНТ ДО 10.000 ДОЛАРИ ДА ГО ПРОМЕНАТ ГРЕЕЊЕТО, РАСПИШАН И ВТОР ОГЛАС ЗА УШТЕ 100

    6О СЕМЕЈСТВА ОД СКОПСКО ЛИСИЧЕ ДОБИЈА ГРАНТ ДО 10.000 ДОЛАРИ ДА ГО ПРОМЕНАТ ГРЕЕЊЕТО, РАСПИШАН И ВТОР ОГЛАС ЗА УШТЕ 100Населбата Лисиче е предложена како тест зона, бидејќи мерењата на загаденоста на воздухот во Скопје покажале дека овој дел е меѓу најкритичните во Скопската котлина. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Уште 100 семејства од скопската населба Лисиче ќе добијат грантови до 10.000 евра за да го променат начинот на греење во домовите и со тоа да придонесат за намалување на аерозагадувањето. Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) заедно со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање објави втор повик за избор на домаќинства од населбата Лисиче кои ќе бидат поддржани со грант, за да воведат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови.

    Под енергетско-ефикасни мерки се подразбира замена на грејното тело со ново енергетски поефикасно, замена на прозорци, поставување надворешна или внатрешна изолација, поставување сончеви колектори и останати интервенции кои би биле предложени од енегетските контролори.

    На првиот повик се пријавиле 165 домаќинства, а критериумите ги исполниле 60 домаќинства во кои е спроведена енергетска контрола и во тек е избор на најсоодветни интервенции и замена на грејни тела за подобрување на енергетската ефикасност.

    „Првиот повик предвидуваше избор на околу 100 домаќинства. По направените бодувања, селектирани беа 60 домаќинства кои ги исполнуваа условите. Бидејќи проектот располага со одреден фонд, кој не се исцрпи во целост преку првиот повик, објавен е втор повик. Преку вториот повик предвидено е да се поддржат околу 100 домаќинства. Бројот на домаќинства може да се промени согласно висината на расположливите средства и квалитетот на пријавите.  Вториот повик се фокусира на домаќинста кои како примарен енергент за загревање користат огревно дрво, нафта, јаглен или отпад. Приоритетна група за поддршка се социјално и економски најранливите домаќинства“, велат од канцеларијата на УНДП во земјава.

    Населбата Лисиче е предложена како тест зона, бидејќи мерењата на загаденоста на воздухот во Скопје покажале дека овој дел е меѓу најкритичните во Скопската котлина.

    Рокот за доставување на пријваите е до 5 април, а инфoрмации за условите и критериумите има на веб страната на УНДП.

    Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од Владата на Шведска преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира