1 Ми се згади од Собранието. Ми се згади и од партиите што ни ги подметнале оние имиња на избирачките списоци за да ги гласаме. Значи, под итно воведувајте отворени листи за пратеници. Вакво подметнување веќе не ни правете. На сета недоверба што ја имаме во институциите и на сета разочараност од луѓето што ги претставуваат тие институции, уште само последнава претстава од Собранието ни фалеше, во која опозицијата прави мајтап од највисоката државна институција. И тоа на толку чувствителна тема како што е финансиска помош за фирмите. Илјадници граѓани чекаат плата, а пратениците со месеци се надмудруваат како да го зафркнат противничкиот табор. Нивните дневници и патни трошоци ќе си ги наплатат, а за илјадниците граѓанки и граѓани што чекаат на изгласување на помошта од државата, баш им е гајле. Нека цркнат среде пандемија.
Знаевме ние дека пратениците се неспособни и послушници што не мислат со своја глава. Ама сега видовме и дека овие од ВМРО-ДПМНЕ што блокираат се немилосрдни и нечовечни.
И нека не глумат вмровските пратеници принципиелност и процедура. Не постои ниту една процедура што може да ја замени чесноста и човештината.
2 Зад процедурите се крие и власта секогаш кога не сака нешто да сработи. На кого му раскажуваат приказни дека четири години не можат да сменат Детален урбанистички план и да го усогласат со Генералниот урбанистички план во центарот на главниот град на државата како што е редот, а СДСМ е на власт и на централно и на локално ниво и во градот Скопје и во Општина Центар? Сè се може ако се сака. Ние името на државата го сменивме, промени на Устав изгласавме, а тие четири години не можат да си ги усогласат плановите. И тоа за нешто за што самите тие 10 години зборуваат дека е лошо и незаконски. И ќотек јадеа од ВМРО-ДПМНЕ кога на сила се носеше овој план што сега се прават немоќни за да го сменат. Избори добија оти граѓаните им веруваа на ветувањето дека ќе ги сменат урбанистичките политики на Никола Груевски.
Не правиме муабет дали на паркингот кај „Холидеј ин“ во центарот на Скопје треба да се гради или не и што треба да се гради. Не правиме муабет ниту за тоа дали проектираните кули се убави или грди. Не правиме муабет ниту дали инвеститорот, на кого баш оваа СДСМ-овска власт му го продаде државното земјиште, има право да си гради што си сака. Сосема е неважно што има да каже инвеститорот. Тој си се грижи за својот интерес. Туку, кој се грижи за јавниот интерес? Државата? Градот Скопје? Општина Центар?
Четири години по победата на локалните избори, сфаќаме дека СДСМ вложи нула напор за да ги смени урбанистичките политики на ВМРО-ДПМНЕ и да покаже грижа за општо добро. Сами си ги саботираа ветувањата.
Претходната локална власт донела незаконски план. Сегашната централна власт дала дозвола парцелата да се укрупни и го продала државното земјиште. Сегашната општинска власт се прави ненадлежна тоа да го спречи. Уставниот суд укинува мораториум за градба воведен како очаен обид на граѓаните да се поправи било што. Па навистина имаат изгубено контакт со реалноста ако бараат симпатија дека се немоќни, а во исто време бараат и гласови на локалните избори. За што да ги гласаме? За тоа што го продадоа јавниот интерес?
Па ние не гласаме некого за отпосле да ни се правда дека е немоќен и ненадлежен. Заборавија СДСМ-овците дека гласачите од Центар во 2013 во три круга излегуваа на гласање, лифтовите им ги исклучуваа, Пустец им го вселуваа, а сега некој им вика – извинете, не сме моќни да ја смениме политиката за која три пати излегувавте да ја смените. Па овој театар што сега го прават градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ и министерот за градежништво Благој Бочварски играјќи во претставата „Не сме надлежени, сè е по Устав и закон“ доби на популарност оти се случува во Центар, во главниот град. Којзнае што сè се случува по општините и по селата каде што луѓето нема кој да ги чуе ниту имаат каде да се пожалат.
Кај луѓето е наталожена недоверба и револт. Едноставно, кога неколку пати ќе ги измамат – не веруваат. Кога ќе ти кажат – ќе има подземна улица за да се реши сообраќајот – не веруваат. Оти требаше да има подземна улица и на кејот на Вардар. Па не ја направија. И тогаш се штитеа интересите на приватна компанија, а не на граѓаните. Кога ќе кажат дека ќе го заштитат Охридското крајбрежје како што бара УНЕСКО – не веруваат. Се смееја кога Миле Јанакиески носеше морски песок и Никола Груевски предлагаше парапетчиња, а сега ни нелегална кафеанска тераса на плажа не смее да се урне. Општината се прави немоќна, државата се прави ненадлежна.
Едно е да си неспособен, а сосема друго е да се правиш „на Тошо“ дека не можеш да го заштитиш општото добро, а имаш моќ оти си на власт, избран на демократски избори. Затоа, немам ронка симпатија за плачките на власта дека биле немоќни. Ако се немоќни, нека си дадат оставка.
3 Да послушаше Заев уште пред две години, кога медиумите почнаа да објавуваат документи за кабаетите на тогашниот генерален секретар на Владата, а до пред неколку дена секретар за „што и да е“ Драги Рашковски, најмалку што можеше да направи беше да го отпушти од функцијата. А тој го бранеше. И уште го брани.
За Рашковски има истрага и куќен притвор. Ама сега нема да гори само Рашковски. Сега ќе гори и партијата.
4 Зоран Заев покажа дека има каде-каде поголем демократски капацитет од Никола Груевски. Барем ние што паметиме, тоа го чувствуваме. Ама што ти вреди тој демократски капацитет, со толерирање кабадахиство комбинирано со неспособност и демонстрација на немоќ.
Секогаш власта поминува низ неколку фази пред да ги разочара тие што верувале кога ги гласале. На почеток, си мислат дека сè можат, сè ветуваат, ги држи ентузијазот за промени. Потоа, доаѓаат до фазата кога ќе се соочат со комплицирани правни ујдурми и партизирана администрација која е неспособна, понекогаш корумпирана, а понекогаш и не сака тоа да го реши. И – доаѓа фазата кога лидерот ќе се потпре на подлизурковците, на партиските војници и на медиокритетите што викаат „Така е шефе, браво шефе, најубав си шефе“.
Е сега сме во фазата – кога власта веќе е опиена од убавините на владеењето и надмоќта – нема што да ви објаснувам, преку таквото ми е од вашите прашања. И – баш ми е гајле што мисли јавноста. Ама ќе глумиме дека ни е гајле. И затоа, ќе пишуваме ен-џи-о фрази на Фејсбук дека ќе го ограничиме ручекот на функционерите на 1.500 денари и ќе броиме чаши вода со 10 нови вработувања за „креирање на системски мерки за спречување и искоренување на корупцијата“.
Што се однесува до мене, поарно да глумат дека им е гајле, отколку да почнат да прават репресија ко што правеше ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е веќе фазата – ако не си со мене, нема да те има. Ете, толку ни се ниски очекувањата.
Секоја власт паѓа кога ќе почне да мисли дека гласачите се глупави. Власта на СДСМ е сега во таа фаза – остави ги луѓето нека џафкаат.
АУДИО ВЕРЗИЈА