МАКЕДОНИЈА ЗА ДВЕ МЕСТА ПОГОРЕ СПОРЕД СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ, ОПСТОЈУВА НЕКАЗНИВОСТА ЗА ЗАКАНИТЕ, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ

    МАКЕДОНИЈА ЗА ДВЕ МЕСТА ПОГОРЕ СПОРЕД СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ, ОПСТОЈУВА НЕКАЗНИВОСТА ЗА ЗАКАНИТЕ, ВЕЛИ ИЗВЕШТАЈОТ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИВисоки владини функционери продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека се зголемија сајбер-малтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи, вели извештајот на РСФ за Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Македонија годинава е на 90 место според Светскиот индекс за слободата на медиумите на француската организација Репортери без граници (РСФ), и за разлика од лани скокна 2 места, а е во група заедно со Лесото, Молдавија, Перу и Унгарија. Најголемиот скок беше во 2018 кога земјата скокна за 14 места. Во Извештајот за Македонија се потенција дека ситуацијата на медиумите е влошена, и дека и натаму високи владини функционери се закануваат и ги навредуваат медиумите,а расте и сајбер-малтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи, со што се засили вкоренетата култура на неказнивост.

    Во индексот на РСФ, кој секоја година ја вреднува состојбата на новинарството во 180 земји, петта година по ред прва е Норвешка, а во првите пет се Финска, Шведска, Данска и Костарика. На последно место е Еритреја, следат Северна Кореја, Туркменистан, Кина и Џибути.

    „2020 беше вонредна година за Северна Македонија. Парламентот беше распуштен, на власт дојде техничка влада и потоа предвремените парламентарни избори мораа да бидат одложени поради пандемијата со ковид-19 и вонредната состојба. Ситуацијата на медиумите се влоши, високи владини функционери продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека се зголемија сајбер-малтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи. Сето ова ја засили вкоренетата култура на неказнивост. Истовремено, пандемијата го усложни известувањето на новинарите. Организациите кои ги претставуваат медиумите силно се спротиставија на разни предложени измени на Законот за медиуми што би овозможило државно рекламирање во медиумите. Се противат оти сметаат дека тоа може да го охрабри клиентелизмот. Министерството за правда изработува измени во Кривичниот законик со кои работата на новинарите и медиумските работници би била побезбедна“, се вели во Извештајот на Репортери без граници за Македонија насловен „Опстојува културата на неказнивост“.

    Најслободни медиуми во регионот има Словенија која е на 36 место, а подобро пласирани од Македонија се Хрватска (56), Босна и Херцеговина (58), Грција (70), Косово (78) и Албанија (83. Полошо од земјава стојат Србија (93), Црна Гора (104) и Бугарија (112).

    Репортери без граници годинава го наслови извештајот „Новинарството, вакцината против дезинформации, блокирано во 130 држави“, а се потенцира дека скандинавскиот медиумски модел се покажа најотпорен од заканите за слободата што ги донесе пандемијата, иако и во овие земји имало обиди за ограничувања на информирањето.

    „Податоците во индекост покажуваат драматично намалување на пристапот до информации и зголемените пречки за известување. Пандемијата со коронавирусот беше искористена како изговор за да се оневозможи пристапот на новинари до извори на информации и известување од терен. Дали овој нивен пристап ќе биде вратен по крајот на пандемијата? Податоците покажуваат дека новинарите се соочуваат со сè поголеми тешкотии да известуваат и да покриваат чувствителни теми, особено во Азија, Блискиот Исток и Европа“, се вели во Извештајот на РСФ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира