Бугарската амбасадорка во Хрватска, Генка Весилева Георгиева, пријавила дека во изминатите денови во земјата се случиле три инциденти со бугарски државјани, и тие инциденти ги поврзува со неодамнешните изјави на претседателот Зоран Милановиќ дека Бугарија сака да ја уништи Македонија само затоа што е послаба и дека ѝ влегува во интимен простор. Полицијата истражува два случаја, а третиот бил решен со интервенција на бугарската амбасада, објавува Јутарњи лист.
Според првата пријава, постара жена вербално била нападната од таксист откако дознал дека е Бугарка.
„Вие, Бугарите, со вашата валкана политика кон Македонија доаѓате да живеете во нашата убава Хрватска“, ѝ рекол таксистот пред да ја избрка од возилото и ѝ ги фрлил торбите.
Друга бугарска државјанка пријавила дека нејзиниот сопруг бил гаѓан со предмети на пазар затоа што „Бугарија ја уценува несреќната Македонија“, а во третиот случај, на синот на бугарска државјанка не му бил дозволен пристап во градинка.
- БУГАРИЈА САКА ДА ЈА УНИШТИ МАКЕДОНИЈА САМО ЗАТОА ШТО Е ПОСЛАБА, ВЕЛИ ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ
- БУГАРИЈА ЈА ИСКАРА ХРВАТСКАТА АМБАСАДОРКА ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЛАНОВИЌ ДЕКА БУГАРИЈА ЈА СИЛУВА МАКЕДОНИЈА
Овие случаи ги коментираше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, нарекувајќи го Милановиќ хушкач.
„По неговите изјави, забележани се два инцидента против бугарски државјани во Хрватска“, кажа Пленковиќ, на што му возврати Милановиќ:
„Претседателот на Владата оди наоколу и зборува глупости за некакви напади на Бугари. Тој е комедијант. На кој начин јас хушкам? Така што предупредувам дека политиката на една земја е некоректна кон друга и дека тоа е покажување сила кон послабиот“.
На ова, повторно вратил премиерот Пленковиќ: „Ако некој нешто одработил за Северна Македонија, тогаш тоа е ХДЗ и мојата влада“.
По самитот Брдо-Бриони во Крањ пред десетина дена, Милановиќ го коментираше односот на Бугарија кон Македонија, за која кажа дека е ставена во невозможна позиција. Хрватската амбасадорка во Бугарија, Јасна Огњановац, потоа беше повикана на разговор во бугарското министерство за надворешни работи.