Во Лекарската комора досега немало пријава за медицинско лице кое шири антиваксерска пропаганда, вели претседателката д-р Калина Гривчева-Старделова. Министерството за здравство и министерот за здравство Венко Филипче секојдневно апелираат на што поголем интерес за вакцинација против ковид-19, како единствен начин да се постигне колективен имунитет и да се стави крај на пандемијата. Но, на социјалните мрежи се шират објави од медицински лица, дури и од професори на Медицинскиот факултет, кои шират антиваксерска пропаганда и теории на заговор, поткопувајќи го трудот на колегите. Со ова опасно и неодговорно се загрозува и јавното здравје, особено во услови на тешката ковид пандемија која во земјава однесе речиси 5,500 животи.
Д-р Старделова-Гривчева вели дека во последните години употребата на социјалните мрежи често е неконтролирана и злоупотребена. Но, за жал, вели таа, Лекарската комора во своите надлежности нема ингеренции на контрола врз социјалните статуси на докторите во државата, а ги има повеќе од 9.000 активни членови.
„Имавме и јавни реакции во кои го осудивме ширењето на антиваксерска пропаганда. Но, треба да се има во предвид и дека Уставот на Северна Македонија, со член 16, на сите граѓани покрај другото им гарантира и слобода на јавно изразување на мислата“, вели д-р Гривчева-Старделова.
Таа потсетува дека главна општествена должност на лекарот е активно да работи на превентивната медицина затоа што подобро е да се спречи отколку да се лекува некоја болест.
За пандемијата Комората организирала едукативни вебинари наменети на лекари, каде меѓу другото се зборувало и за вакцините, нивните карактеристики и користа од процесот на имунизација.
На овие настани биле презентирани релевантни факти, а предавачите останале достапни и за понатамошна комуникација за сите нејаснотии и отворени прашања.
„Горди сме на добрите скрининг програми, како што се за карцином на дојка, карцином на грлото на матката и превентивните програми кои што со години функционираат. Лекарот, меѓу другото, мора да работи и на подигнување на нивото на културно и здравствено воспитување на населението, бидејќи тоа е од суштинско значење за зачувување на јавното здравје, секако водејќи се од медицината базирана на докази во услови на веќе стекната лична широка интелектуална и морална култура“, додава д-р Гривчева-Старделова.
Б. НЕСТОРОСКА