ТЕТОВО СО НАЈМАЛКУ ВАКЦИНИРАНИ ИМА НАЈМНОГУ АКТИВНИ БОЛНИ ОД КОВИД-19

    ТЕТОВО СО НАЈМАЛКУ ВАКЦИНИРАНИ ИМА НАЈМНОГУ АКТИВНИ БОЛНИ ОД КОВИД-19Во Тетово активни се 177 болни од ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Тетово во моментов има најмногу активни случаи на ковид-19, а најмалку вакцинирани. Во Тетово активни се 177 болни, а во главниот град Скопје 184. Со оглед на тоа дека во Скопје бројот на жители е многу поголем, во Тетово поголем е просекот на заболени граѓани. После Скопје и Тетово висок број на новозаболени има и во Куманово 67 и Гостивар 47.

    Вчера, според статистиката на Министерството за здравство, Тетово беше на врвот со нови случаи и тоа 32 од 54 направени тестови. Во неделата имаше 10 случаи, во саботата 25, во петокот 15, односно Тетово е постојано на врвот на листата според бројот на новозаболени откако почнаа да растат бројките.

    Наспроти големиот број новозаболени, Тетово е еден од градовите со најмала стапка на вакцинација на населението. Според податоците на Министерството за здравство објавени на 20 јули, во Тетово вакцинирани се 17,1 отсто од населението и е втор град со најмала вакцинација после Кичево со 15, 8 отсто.

    Вчера министерот за здравство Венко Филипче кажа дека зголемениот број на новозаразени пациенти се должи на зачестените патувања и годишни одмор и најави можни рестрикции за невакцинираните од есен.

    „Системот е целосно подготвен да се справи со евентуален нов бран, но мора сите да знаеме дека не можеме да живееме со рестрикции. Мора сите да се вакцинираме за да се врати нормалното функционирање на сите животни процеси, на економските субјекти, угостителските објекти, на местата за масовни собири. Граѓаните треба да знаат дека токму на такви места може да им биде побаран сертификат за имунизација или негативен ПЦР тест, бидејќи ние мора да го заштитиме населението, а притоа нормално да функционираат институциите и економијата”, рече Филипче.

    Досега во земјава со прва доза вакцинирани се 514.021 граѓанин, а ревакцинири 390.562. Вакцинацијата се одвива без закажување во поликлиниките низ државата, а се спроведува и теренска вакцинација во селата и помалите населени места.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира