Здравствените власти утре ќе разговараат за воведување дополнителни локални мерки во Тетово, по големиот наплив на пациенти со ковид-19 во Тетовската болница, соопшти Министерството за здравство. Тетово е на второ место во државава по број на активни болни од ковид-19, со 1.079, по Скопје со 1.677, според вчерашните податоци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Вкупно во земјава активни се 5.043 ковид болни. И вчера и завчера беа регистрирани по два смртни случаи од Тетово.
Според Министерството, се работи на интензивна реорганизација со цел соодветно згрижување на сите болни.
„На колегите од Тетово им се дава соодветна поддршка во делот на кадар и сместувачки капацитети. Од пред два дена пациенти се сместуваат и во болницата во селото Лешок, а доколку е потребно пациенти ќе бидат сместувани и во други болници во близина или во Скопје. Утре ќе се донесе одлука дали и колку дополнителен кадар кој во најкус рок ќе биде распореден“, велат од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.
Од пред два дена повторно, како есента минатата година, активирана е болницата за белодробни заболувања во Лешок. Иако во меѓувреме боницата го зголеми капацитетот, од 10 на 20 болнички кревети наменети само за заболените од ковид-19, за кратко време нејзиниот капацитет е исполнет, а слободни се едвај два до три кревети.
„Пациенти со ковид-19 почнавме да примаме од завчера, а сега моментално имаме 17 болни во нашата боница. Еве, имаме прием на уште еден пациент и лесно може да се случи до вечер сите кревети да бидат пополнети. Вчера имавме и еден починат. Ние као болница немаме доволно медицински персонал, ниту доктори ниту медицински сестри, за да опслужиме толку пациенти. Овие два-три дена работиме без престан. Се надеваме дека утре од Министерството ќе ни пратат испомош. Има голема навала, а слушаме дека имало дури и ургенции, да се пратат пациенти кај нас. Но, нашите капацитети се ограничени, а исто така сме ограничени и со капацитетот на медицинската опрема. Ние во овој момент можеме да го опслужиме пациентот со максимим 10 литри кислород. За поголеми дози немаме опрема, па затоа не можеме ни да ги примиме најтешките случаи. Тие мора да бидат сместени во модуларната болица во Тетово, а најверојатно повторно ќе се отвори и Интерното одделение за сместување ковид пациенти“, вели д-р Исмаил Ваити, директор на Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ во Лешок.
Министерот вчера кажа дека нивните анализи покажале оти зголемен е бројот на новодијагностицирани пациенти и пациенти за хоспитализација особено во градовите кадешто е најмал опфатот на вакцинирани граѓани, односно во Тетово, Гостивар, Кичево и Куманово, кадешто околу 20-23% е опфатот на вакцинирани.
Во државата вкупно се аплицирани 1.058.112 дози вакцини, од кои скоро 50.000 во изминатава недела, а ревакцинирани се 471.728 граѓани.
З. АНДОНОВ