Научници од Универзитетот Харвард објавија дека пронашле докази оти изложеноста на зголемено ниво на загадување со ситни честички пронајдени во чадот од пожари, може да доведе до стотици нови случаи на ковид-19 и повеќе смртни случаи меѓу ковид позитивните.
Истражувањето на Харвард покажало дека во некои делови во Калифорнија и Вашингтон, кои лани беа особено погодени од пожари, скоро 20 проценти од случаите со ковид-19 се поврзани со зголемено влијание на загадувањето од чад. Научниците исто така открија дека уште поголем процент на смртност може да биде поврзан со земји каде имаше големи пожари.
„Јасно е дека ова е навистина опасна комбинација. Страшно е ако продолжи оваа ситуација со пожарите во цел свет“, вели Франческа Доминичи, професорка по биостатистика на Харвард и една од авторите на студијата.
„Ако сте болни од ковид-19 и вдишете чад од пожар, ќе ви се влоши состојбата. Исто така, чадот од пожарот ќе ве направи поподложни на респираторни инфекции“, изјави уште лани Кејтлин Кели од Министерството за здравство на Вашингтон.
Претходни испитувања најдоа докази дека загадувањето на воздухот може да ја влоши сериозноста на симптомите на ковид-19 и да го забрза ширењето на вирусот, иако сѐ уште постои неизвесност во врска со тоа како се однесуваат честичките и вирусот споени.
Изминативе две недели огромни пожари ги зафатија Грција и Македонија. Грција се наоѓа среде најголемиот жежок бран од 1980-ите, при што температурите се искачуваат до 45 Целзиусови степени. Два големи пожара на Евија досега уништија илјадници хектари земјиште, како и голем број куќи и бизниси.
На 2 август во земјава избувнаа повеќе пожари, а го зафатија и Пијанечко-Малешевскиот Регион. Како што објави државната агенција МИА, според првичните проценки од 28.000 хектари шума на територија на Општина Делчево, изгорени се околу 2.400 хектари или околу 8 проценти од вкупниот шумски фонд во Општината. Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски рече дека сѐ уште не е утврдено колкава е направената материјална штета.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информираше дека пожарите во државата под контрола и дека продолжуваат акциите за гасење во Сарај и Центар Жупа.