Освен руската вакцина „спутник“ чија употреба не е препорачана за трудници и доилки, останатите вакцини против ковид-19 се аплицираат според упатството издадено од производителот, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Во земјава сега нeма „спутник“ вакцина. Првата пратка од 3.000 вакцини стигна во земјава на 7 март, петнаесетина дена подоцна стигнаа уште 3.000 дози за ревакцинација. Во април преку донација од Србија, Македонија доби 40.000 дози од „спутник“ со што почна масовната вакцинација на критичните групи во земјава во салата „Арена А1 Борис Трајковски“.
Министерот за здравство Венко Филипче на 7 март, кога стигнаа руските вакцини истото го кажа, дека има препорака во упатството во однос на претпазливост само кај трудници и доилки и никаква друга контраиндикација.
Вакцинацијата во земјава се одвива со вакцините на „Фајзер“, „Синовак“ и со „АстраЗенека“, но таа се дава само на лица над 60 години.
На социјалните мрежи секојдневно се поставуваат објави со разни прашања од бремени жени, доилки и жени во репродуктивна фаза кои планираат да забременат, во кои се искажуваат сомнежи и недоумици околу вакцинацијата против коронавирус. Граѓанки кои се бремени, а невакцинирани, реагираат дека со оглед на новите мерки со кои се бара ковид сертификат за угостителски објекти и настани, ним речиси секаде ќе им биде забранет влезот.
„Ден пред да ја примам втората доза од вакцината ‘спутник’, дознав дека сум бремена. Немав никакви симптоми на бременост, со оглед на тоа дека година и половина се обидувавме да забременам. Се упатив веднаш кај матичниот гинеколог, која утврди дека сум била бремена и за првата доза. Докторката ме советуваше дека треба да ја примам и втората доза, со оглед на тоа дека вакцината е новина во светот, и кај нас, и оти сѐ уште нема никакви докази за контраиндикации, дека иднината ќе покаже. На крајот од сѐ, ми рече таа, на детето му треба здрава мајка. Се вакцинирав, гинеколошките скрининзи покажуваа дека сѐ е во ред, но по неколку недели, иако се прескапи, направив од пренаталните тестови за утврдување на аномалии кај бебињата. Засега сѐ е во ред и со бебето и со бременоста“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК. 36-годишната А. Б.
Според директорката на Клиниката за гинекологија д-р Викторија Јовановска, жена во репродуктивна фаза не треба да размислува дали да прави тест за бременост пред да се вакцинира.
„Бремените жени треба да примат вакцини согласно упатството од производителот“, ни рече д-р Јовановска.
Националната координаторка за имунизација д-р Александра Грозданова, на трибина за вакцините организирана од Министерството на 28 јуни, кажа дека кинеските вакцини на „Синовак“ и „Синофарм“ претставуваат класични вакцини каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната. Оттука, рече, Грозданова кај широката популација можеби се доживува како една од најбезбедните платформи во однос на новите вакцини како што се мРНА вакцините.
Во однос на возраста на која што се дава, Грозданова рече дека нема ограничување и дека во Кина се аплицира и кај деца над 3 години, а во нашиот случај се користи над 18 години и без ограничување на возраста кај возрасните лица.
„Вакцината се препорачува кај доилки и трудници за разлика од руската ‘спутник’ која што е јасно контраиндицирана за трудници и долки“, кажа тогаш Грозданова.
Според Светската здравствена организација (СЗО) трудниците и доилките спаѓаат во групата ризични за ковид-19 и треба да се вакцинираат, особено ако се под висок ризик на изложеност на коронавирусот, ако имаат коморбидитети и ако вакцинирањето е од корист поради локалната состојба со епидемијата. СЗО вели и дека нема потреба да се прави тест за бременост пред вакцинација, како ни да се одложува или прекинува бременоста поради вакцинацијата. Исто така, СЗО не препорачува да се прекине доењето поради вакцинацијата.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на 24 април објави дека бремени жени може да се вакцинираат. Препораката следува по објавувањето на прелиминарните податоци од големо истражување на ЦДЦ, кои сугерираат дека вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и на „Модерна“ се безбедни и ефективни за трудници. Во истражувањето учествувале 34.000 трудници.
Според последните податоци од Институот за јавно здравје (ИЈЗ), во земјава досега се регистрирани 6 смртни случаи од ковид-19 кај бремени жени.
Б. НЕСТОРОСКА