Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска ги повика граѓаните масовно да се вакцинираат против ковид-19 бидејќи тоа е единствен начин за заштита од вирусот. Ахмети на својот официјален фејсбук профил напиша дека тој со семејството уште во мај се вакцинирале против ковид-19.
„Секојдневно слушаме жални вести дека некој ја загубил битката со вирусот. Синоќа близок член на моето семејство почина од компликации на коронавирусот. Починаа и други мои блиски луѓе, меѓу кои и пријател и неговата 33-годишната ќерка. Затоа апелирам на масовна вакцинација и почитување на мерките за заштита од вирусот, носење маска и одржување дистанца“, напиша Ахмети на Фејсбук.
Досега во земјава вакцинирани се 712.339 граѓани, а две дози примиле 521,784 лица. Со најмал процент вакцинирани со една доза се Гостивар со едвај 26% и Дебар со 28% население над 18 години, а следат Тетово и Кичево со нешто над 30%. Тетовo и Гостивар имаат и најмногу активни ковид болни после Скопје, а вкупно активни сличаи во земјава се над 14.000.
Вакцинацијата се врши без закажување во вакциналните пунктови, а од минатата недела отворен е пунк и во малата сала во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
А. АНТЕВСКА