Наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар ќе се одвива онлајн во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, а во првите 7 дена и во Кичево и Струга, одлучи Владата прифаќајќи го предлогот на Комисијата за заразни болести, поради големиот број болни и хоспитализирани со ковид-19. Откако ќе заврши овој период, ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата со коронавирусот, вели Владата.
Струшката Комисијата за превенција денеска побара учебната година во Струга да почне на 20 септември, зашто моменталната состојба со ширењето ковид- 19 е полоша од претходната година.
Во последните 24 часа, регистрирани се нови ковид позитивни во Тетово – 78, Гостивар – 53, а Струга – 20. Тетово и Гостивар по Скопје имаат најмногу активни болни, а болниците се преполни.
Струшката комисија кажа дека при секое наредно дневно тестирање, каде се прават од 100 до 120 тестови дневно, секој четврти резултат е позитивен на ковид-19. Моментално се хоспитализирани 35 лица во Општа болница Струга, 7 во Завод за нефрологија, во Здравствениот дом во Вевчани 120 лица се на нега во домашни услови, додека во Струга на домашна нега се 70 лица, но за разлика од Тетово и Гостивар не се исполнети сите места во болниците.
Владата денеска го дополни и протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголемува бројот од 21 на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години.