Нашите учебници по историја и општество никогаш нема да фатат прашина затоа што нашата изградба и нашиот развој се постојани и затоа што секој ден имаме нови заеднички остварувања и нови постигнувања. Ние постојано испишуваме историја, кажа премиерот Зоран Заев во говорот на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на државата.
„Од најдоброто од минатото создадовме држава со сосема извесна европска иднина. Токму нам, на сегашните генерации, ни припадна историската чест, но особено одговорноста, да ја освоиме независноста и да ја зачуваме и развиваме македонската држава“, кажа Заев.
Заев во говорот кажа дека 30 години по прогласувањето на независноста земјава има сосема извесна европска иднина, јасна идеја и јасен пат кои водат до подобар живот на сите нејзини граѓани.
„Работите се менуваат кон подобро. Северна Македонија е граѓанска држава и слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници – општество за сите. Со решителност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција и направивме пробив на меѓународен план и реализиравме една од стратешките цели – членството во НАТО. Нашето државно знаме е развиорено во кругот на знамињата на нашите НАТО сојузници. Различни генерации политичари, професионалци од јавната администрација и од војската со години беа посветени и се вградија во остварувањето на оваа наша заедничка стратешка цел“, рече Заев.
Заев кажа дека на европскиот пат земјава направила сè и сега Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западен Балкан е жив. Дека европските вредности и принципи за проширување се сѐ уште реалност.
„Преку отворен пристап покажавме волја за соработка со сите наши соседи и ја стекнавме нивната доверба и успешната приказна на Северна Македонија започна да го менува наративот за Балканот. Северна Македонија е препознаена како инспиратор на еден нов Балкан. Балкан достоен за 21 век. Балкан на пријателство и соработка и без предрасуди. Тоа е продуктивен пат на заедничката регионална политика, соработка и заедништво. Тоа е и Отворен Балкан. Од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, сега сме позитивен пример, модел што другите сакаат да го следат. Ги решаваме проблемите, не бегаме од нив. Создаваме нови односи со соседите. Пријатели сме со сите. Ја зајакнуваме соработката“, кажа премиерот Заев.
Тој се осврна и на периодот кога земјава, како што, кажа била изолирана.
„Граѓаните на нашата земја не дозволија големиот јубилеј – 30 години независност – да го дочекаме како заробено општество. Народот се избори за граѓанските вредности и слободата и демократијата повторно се на пиедесталот. Градиме општество во кое што сите се еднакви и исто вредат“, кажа Заев.
А. АНТЕВСКА