РУСКОВСКА ДАЛА НАРЕДБА УТРЕ ДА Ѝ СЕ ДАДЕ ЦЕЛОКУПНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ ЗА МОДУЛАРНИТЕ БОЛНИЦИ

    РУСКОВСКА ДАЛА НАРЕДБА УТРЕ ДА Ѝ СЕ ДАДЕ ЦЕЛОКУПНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ ЗА МОДУЛАРНИТЕ БОЛНИЦИОва е сосема одделна истрага од онаа што го вршат петтемина основни јавни обвинители кои уште вршат увид по синоќешната катастрофа во Тетово. (Фото: К. Попов)

    По катастрофалниот пожар со 14 жртви што се случи синоќа во Kовид-центарот во Тетовската болница, обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска дала наредба утре Бирото за јавни набавки да ѝ ја достави целокупната документација за јавните набавки за сите 19 изградени модуларни болници во Македонија.

    Министерот за здравство Венко Филипче ги повика истражните органи да ги истражат јавните набавки, нудејќи ја сета документација што им е потребна.

    Ова е сосема одделна истрага од онаа што го вршат петтемина основни јавни обвинители кои уште вршат увид по синоќешната катастрофа во Тетово.

    Според информациите што ги добивме, Обвинителството за организиран криминал и корупција засега нема индиции за злоупотреби, но по допрен глас мора да ја провери тендерската документација за овие монтажни болници. Тетовската изгоре за неколку минути, од ист материјал се направени и останатите 18.

    Министерството за здравство и инвеститорите денеска преку соопштенија гарантираа дека сè е изградено по проект, по највисоки медицински и безбедносни стандарди. И министерот Венко Филипче на прес -конференцијата кажа дека во Министерството за здравство денеска цел ден се правел увид во изградбата на проектите за модуларните болници. Внатрешниот увид покажал дека сите вградени материјали имаат сертификат од производителот, а процесот на инсталација е со атест под назор на сертифицирани компании за монтажа. Поставувањето на центрите е под строга контрола и во согласност со Светска банка која го поддржа проектот, рече Филипче и апелираше да не се создава недоверба кон модуларните болници кои спасуваат животи во ковидкризата.

    „Оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата на монтажните Ковид-центри, се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет“, кажа денеска компанијата „Брако“ која е испорачувач на модуларни префабрикувани контејнери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира