Министерот за здравство Венко Филипче не знае зошто во Ковид-центарот во Тетово имало посета на пациентите од членови на нивните семејства и рече дека истрагата која се врши треба да покаже зошто тоа било дозволено.
„Посетите се забранети и ќе инсистирам на точна проверка што се случило, колку придружници имало и како бил организиран целиот тој процес. Од утре тоа ќе го истражува Државниот здравствен и санитаерен инспекторат (ДЗСИ). Посетите, во принцип, за ковид пациенти се забранети. Сега со вакцинацијата има укажување дека со сертификат за вакцинација членови на семејствата да ги посетуваат болните, но не и да ги чуваат. Во сите ковид-центри и болници има доволно кадар, тоа е изменаџирано и преку системот на ротации. Посетите се традиционална глетка во нашите болници и од искуство знам дека тоа тешко може да се изменаџира и забрани. Во секој случај, конкретната ситуација целосно ќе ја испира ДЗСИ“, рече Филипче на денешната прва прес-конференција во синоќешната несреќа во Тетово во која загинаа 14 ковид болни.
На упорните новинарски прашања дали поради тоа што биле пуштени посетители во Ковид-центарот ќе го повика на одговорност директорот на Тетовската болница, Филипче одговараше дека од одговорност никој нема да избега, но прво мора истрагата да заврши и да ги утврди сите факти.
Филипче не сакаше да каже никакви информации во врска со тоа што било причина за пожарот, ниту пак во врска со загинатите, велејќи дека во тек е истрагата и кога таа ќе заврши ќе се дадат сите информации. И покрај пожарот, Филипче смета дека сите модуларни болници се безбедни и градени според сите стандарди.
А. АНТЕВСКА