Премиерот Зоран Заев не смета дека треба да даде оставка од морални причини поради пожарот со 14 жртви во модуларната болница во Тетово. Заев одговараше на новинарско прашање за изјавата на лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, кој кажа дека трагедијата во Тетово води кон оставка на премиерот.
„Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, се од пуста желба за власт, да се победи. Сѐ додека вака се однесуваат ќе губат на избори. Другата алтернатива е ова, заедништвото, инвестициите, повисоките плати, придонес во БДП“, изјави утринава Заев за време на посета на нова фабрика за кабли во Сарај.
За понудените оставки од министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, тој повтори дека ќе ги почека форензичките извештаи пред да донесе одлука.