ПРИРОДНИТЕ КАТАСТРОФИ НЕ ПОЗНАВААТ ГРАНИЦИ – ПОЖАРИТЕ И ПОПЛАВИТЕ ШТО ПУСТОШЕА НИЗ ЕВРОПА ГИ ОБЕДИНУВААТ ДРЖАВИТЕ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

    ПРИРОДНИТЕ КАТАСТРОФИ НЕ ПОЗНАВААТ ГРАНИЦИ – ПОЖАРИТЕ И ПОПЛАВИТЕ ШТО ПУСТОШЕА НИЗ ЕВРОПА ГИ ОБЕДИНУВААТ ДРЖАВИТЕ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИМакедонија во август прогласи кризна состојба поради пожарите, а еден од најголемите го загрози Кочани (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пожарите кои летоска пустошеа по Медитеранот и Балканот, големата еколошка катастрофа што ја предизвикаа и напорите за обнова се дискутираат во јавноста и ќе бидат темелно анализирани во следниот период. Лидерите на земјите од јужна Европа неодамна се сретнаа во Атина и ветија дека ќе ја прошират соработката во борбата против климатските промени, нагласувајќи ја потребата од итна и амбициозна акција на регионално, националнио и локално ниво.

    „Она што го видовме летоска во медитеранскиот регион е директно и силно влијание на климатските промени“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

    Како последица на екстремните жештини, делови од Грција, Турција, Италија и Македонија се соочија со досега незапаметени пожари, а таму каде што немаше пожари, природата го покажа своето сурово лице во вид на катастрофални поплави, во кои што загинаа најмалку 242 луѓе, најмногу во Германија (198) и Белгија (42).

    „Природни катастрофи имало и секогаш ќе ги има, па начинот на кој општествата реагираат на нив е клучен. Меѓутоа, исходот од катастрофите, подготовката за нив и ублажувањето на можните ефекти се прашањата што ги надминуваат границите на една држава“, вели Манолис Плионис, директорот на Националната опсерваторија во Атина.

    Климатските промени ја нагласуваат потребата од итна и амбициозна акција на регионално, националнио и локално ниво. – Од заедничката вежба на НАТО и Центарот за управување со кризи во Охрид (Фото: Ѓ. Личовски)

    Концептот на цивилна заштита се појави во Европа во раните 1980-ти. ЕУ подоцна го започна Европскиот механизам за цивилна заштита и неодамна програмата #RescEU. На тоа се надоврзуваат и регионални соработки, како EU-Med 7, Филија форум во Атина, средбата во Пафос во 2021 и таканаречената земјотресна дипломатија помеѓу Турција и Грција од доцните 1990-ти.

    Неодамнешната средба во Атина, на која присуствуваа високи претставници на девет европски држави, уследи по стотиците шумски пожари во Грција, од кои најголемите беа на островот Евија, уништувајќи илјада квадратни километри шуми и земјиште. Премиерот Мицотакис притоа отворено ги посочи климатските промени како причина за пожарите.

    Европа и светот се обединија и испратија помош за гаснење на досега невидени пожари во Турција, кои особено им се закануваа на популарните туристички центри Мармарис и Анталија. Македонија прогласи кризна, а Сардинија вонредна состојба поради големите шумски пожари, а од другата страна на Средоземното Море, ситуацијата беше најтешка во Алжир, каде што во средина на август загинаа најмалку 90 луѓе.

    Со најтешка сезона на шумски пожари во модерната историја се соочи и Русија. Пожарите досега оваа година уништија 18,16 милиони хектари руски шуми, што е апсолутен рекорд откако тие почнаа да се следат сателитски во 2001.

    „Во изминатите години постојано се зголемува опожарената површина. Тоа е новата климатска реалност на Русија“, соопшти локалниот огранок на „Гринпис“.

    Шумските пожари во Северна Америка, Сибир и околу Медитеранот ова лето предизвикале рекордни емисии на јаглероден диоксид во атмосферата, објави „Коперникус“, набљудувачката програма на ЕУ. Од јуни до август биле ослободени 2,5 милијарди тони јаглероден диоксид, од што половина отпаѓа на пожарите во Северна Америка и Сибир во јули.

    „Традиционални, иновативни и хибридни, вештачки и природни катастрофи ќе продолжат да се случуваат, зголемувајќи ги трошоците за управување со катастрофи и потребата од креативни решенија, особено за помалите држави“, вели Плионис.

    На глобално ниво, природните катастрофи во 2020 година предизвикаа економска штета од 210 милијарди долари, што претставува зголемување од околу 26% во споредба со 2019.

    „Условите се зрели. Регионална структура за општествена безбедност и намалување и превенција на катастрофи може да биде катализатор за создавање регионална мрежа на владини агенции, истражувачки групи, универзитети и истражувачки организации, заинтересирани за промовирање на цивилната заштита и општествената безбедност. Од најголема важност е да се промовираат шеми за соработка помеѓу приватни и државни организации, што ќе обезбеди отпорност на катастрофи. Ваквите шеми, ставени во регионален контекст, ќе бидат уште едно средство за соработка, дури и таму каде што политички тоа е тешко“, смета Плионис.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира