КОАЛИЦИОНИТЕ ПАРТНЕРИ БАРААТ ЗАЕВ ДА НЕ ПОДНЕСУВА ОСТАВКА, ВЕЛАТ КОАЛИЦИЈАТА Е СТАБИЛНА И НЕ ТРЕБААТ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ

    КОАЛИЦИОНИТЕ ПАРТНЕРИ БАРААТ ЗАЕВ ДА НЕ ПОДНЕСУВА ОСТАВКА, ВЕЛАТ КОАЛИЦИЈАТА Е СТАБИЛНА И НЕ ТРЕБААТ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИПремиерот Зоран Заев денеска имаше средба со коалиционите парнери во Владата. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев денеска во Владата имаше средба со коалиционите партнери. По средбата со Заев, лидерите и претставниците на ДУИ, БЕСА, ДПА, ЛДП и ДОМ, НСДП, кажаа дека владиното мнозинство останува и дека во овој момент на државата не и требаат предвремени парламентарни избори.

    „Пред нас е енергетска криза, короната уште е тука, на државата и треба стабилност, а не предвремени избори. Не сме разговарале ниту ќе разговараме со никого за формирање ново парламентарно мнозинство. Владината коалиција останува“, кажа Маја Морачанин претседателка на ДОМ.

    Првиот вицепремиер Артан Груби кажа дека на средбата со Заев сите коалициони партнери дале поддршка на премиерот Заев и политиките на Владата и немало никаков сомнеж дека парламентарното мнозинство останува.

    „Сите партнери беа против оставката на премиерот Заев. Сметаме дека е избрзана и дека премиерот треба да продолжи со водењето на Владата и политиките бидејќи тоа го бараат граѓаните. Само оваа Влада може да го реши прашањето со Бугарија, да го спроведува Преспанскиот договор и да ги почне пристапните преговори со Европската унија . Ова се локални избори, не парламентарни и затоа не треба премиерот да поднесе оставка, а тоа синоќа му го кажа и лидерот Али Ахмети“, рече Груби од ДУИ.

    Премиерот Зоран Заев синоќа после поразот на локалните избори на прес-конференцијата во партиското седиште кажа дека поднесува оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ. Заев кажа дека не треба да има вонредни избори и дека парламентарното мнозинство и Владата треба да продолжат да работат, само со нов премиер.

    „Горд сум што ја внесовме заедно земјата во НАТО. Лани добивме препорака за почеток на преговорите со ЕУ. Попис спроведовме. За нас прогресивните кои им се радувавме на овие успеси, за жал, дојде политичка казна. Разочараност за мнозинството кое ги избра истите кои пред само четири години тргнаа да убиваат луѓе во парламентот. Се здружија жртви и насилници. Јас сум донел слобода и демократија, а демократијата подразбира поднесување одговорност“, кажа Заев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира